Протиќ: Доколку во Србија веднаш беа сменети клучните луѓе, меѓународната јавност и Приштина би замолчиле

Историчарот и поранешен амбасадор на СР Југославија во Вашингтон Милан Ст. Протиќ оцени дека по настаните во Бањска во Србија требало веднаш да бидат сменети неколку клучни луѓе од високи позиции, бидејќи тој потег веднаш би ја замолчил меѓународната јавност и Приштина, а фактот што власта не го направила тоа покажува дека не разбира за што се работи, јави дописникот на МИА од Белград.

Протиќ смета дека од настаните од 3 мај до денес „и власта и општеството се загубиле“.

Според него, по сето она што го доживеала Србија во 90-тите и по толку многу војни од кои Србите излегоа „толку ранети и понижени, дали некој се уште мисли дека така може да се направи нешто“.

-Не учиме од нашето минато. Ниту претходно не требаше да се направи, сите видовме каде не одведе сето тоа. Сега имаме ист менталитет, иста логика, иста аргументација, па повторно некои луѓе гинат, а тие што ова го планираат очигледно не се промениле од тогаш до денес, рече Протиќ во интервјуто на ТВН1.

Оние кои тврдат дека Косово е срцето на Србија, како што наведе, „мавтаат со него затоа што знаат дека звучи добро и го привлекува вниманието на одреден број луѓе“.

-Настаните во Бањска се, од една страна, погубните последици што следеа од напуштањето на институциите, од косовската полиција; а од друга страна е фактот што сè уште мислиме дека со насилство може нешто да се постигне. И тогаш позицијата што ја имаше Србија во меѓународната заедница, не поради нејзините способности, туку поради бесмисленото и невозможно однесување на Приштина, сега е уништена, изјави Протиќ.

На прашањето дали власта знаела за настаните во Бањска, Протиќ смета дека „некои од нив сигурно знаеле“.

-Дали Вучиќ знаел или не е помалку важно, важно е како ќе реагира, но тој не реагира доволно енергично. Кога треба да направи потег и да покаже дека е лидер на Србија, тој паѓа на тој испит, вели историчарот Протиќ.

Според неговото мислење, клучните луѓе требало веднаш да бидат уапсени и обвинети.

„Сакам да кажам дека клучните луѓе мораше веднаш да се уапсат, веднаш да се покренат обвиненија во Србија и тоа ќе испратеше јасна порака, објасни Протиќ, додавајќи дека „Вучиќ прилично се погубил“.

-Тој ја разбра позицијата на која се наоѓа, без разлика на слабоста и недоследноста на опозицијата, а тој меѓународен притисок, кој сега ќе биде уште пожесток од кога било, го загрижува. Не може да ја сокрие својата несигурност и збунетост, изјави Протиќ.

Тој објасни со кој потег Србија ќе ја „замолчеше меѓународната јавност и Приштина“.

-На Србија би и одговарало веднаш да се сменат неколку клучни луѓе на високи позиции и дури потоа тој што командуваше. Тој не е клучот, тоа нема да биде доволно да ја сврти позицијата на Србија, тоа е потег што требаше веднаш да го направи и со тоа да ја замолчи меѓународната јавност и Приштина, бидејќи тогаш е готово. Тоа што власта не го направи ова говори дека не разбираат за што се работи, заклучи Протиќ.

Back to top button
Close