Путин како Мајка Тереза!?

„Оној кој се плаши дека ќе страда, тој веќе страда бидејќи се плаши.“ 

Мишел де Монтењ

 

На третата годишнина од руската инвазија врз Украина, Европа го губи патот по кој се движи. По европски метрополи осветлени знаменитости со сино и жолто на Украина, додека во Обединетите нации САД гласаше против резолуцијата со која се осудува руската агресија. Европа е потресена оти Америка буквално ја има сменето страната. Дека САД ќе биде во ист табор со Русија за многу луѓе тоа делува како полувистина од соништата, но сепак голема конфузија околу тоа на која страна лежи едната или другата половина! Во Обединетите нации, САД се најде заедно со Русија, Северна Кореја и Иран! Таа дури се обиде да ја урне резолуцијата со која се осудува руската агресија против Украина. Пред само три месеци тоа можеше да бида само некаков кошмар од лош сон. Сега стана јасно дека САД, барем оваа администрација, е тотално рамнодушна кон судбината на Украина, а и цела Европа.

Во јуни е самитот на НАТО, и многу западни водачи нема да знаат што да кажат како говорници! Можеби ќе пеат жалопојки во хор! Добро би било јавно и јасно да кажат дека конечно на Европа ѝ треба своја независна одбранбена способност. А тоа чини многу пари во услови кога европските економии се борат со ветерниците.

Се проценува дека на Европа ѝ се потребни стотици илјади нови војници и најмалку 260 милијарди долари повеќе одбранбено финансирање за веродостојно да ја одврати Русија без американска поддршка. За Европа дојде крајот на „бесплатното возење“, изјави Сер Алекс Јангер, поранешен шеф на британската разузнавачка служба МИ6, во интервју за Би-Би-Си.

Тука Трамп е во право – кажа тој. Но, постои огромна разлика помеѓу притискање на сојузниците да придонесат повеќе за сојузот и нивно напуштање и свртење кон нивниот противник! Овде, секое оправдување наликува на женско деколте кое се обидува да прикрие доволно за да открие сè. Многу искрени прашања беа проследени со неискрени одговори.

Сепак, Јангер нуди некаква пооптимистичка проценка за способноста на Европа да ја пополни обрамбената празнина. „Дека не треба да бидеме толку загрижени оти сме 10 пати побогати како европско НАТО од Русија“ – рече тој. На крајот на краиштата, Европа нема причина да се плаши од Русија. Таа Русија три години се бори со слабата Украина и едвај успеа да навлезе 70 километри на нејзина територија. Во 1968 година Русија за една ноќ ја окупира тогашната Чехословачка, а 12 години пред тоа за 2 дена ја згази Унгарија на Орбан. Сега Европа е многу посилна и економски и воено од Русија. Но, сепак поаѓајќи од бројни други аспекти, виси прашањето, по која цена можниот иден европски сојуз ќе ја преживее таквата транзиција?

За континент кој го се навикнал на мирот главно под американскиот безбедносен чадор, ова се длабоки предизвици. Но, додека тимот на Трамп се свртува кон Индо-Пацификот и Макрон признава дека „Европа мора да преземе поголема одговорност“, прашањето повеќе не е дали ќе се случи европската стратешка автономија, туку колку брзо може да се постигне, и по која цена! Нагло заврши воената адолесценција на Европа. Францускиот претседател Емануел Макрон отиде во Белата куќа со едно мислење, а се вратил со друго мислење. Таму веќе е стасан и британскиот премиер Стармер, во очаен обид да се спаси она што остана од трансатлантската алијанса. Макрон кај Трамп постојано го споменуваше тој мачен „атлантски сојуз“ и тоа „пријателство“. Тоа изгледаше како понизно „лижење“ на оние крупни Трампови образи, а тој самиот делуваше крајно досадно!

За тоа дека луѓето не се сигурни дали САД ќе застанат покрај своите сојузници и пријатели, коментира и Кристине Берзина, директорка на „Geostrategy North“ во Германија. „Русија јасно стави до знаење дека САД ги гледа како противник кога својата војна во Украина ја претстави како војна против НАТО. Но, и покрај тоа, Трамп и неговите претставници користат многу блага реторика и, згора на тоа, ѝ нудат на Русија економски можности без преседан“ – вели таа!

Нo, Трамп цврсто верува на изреката на Бенџамин Френклин дека не постои добра војна и лош мир. Па затоа Макрон морал да изведе детален дипломатски балет. Стоејќи покрај Трамп во Источната соба во Белата куќа, францускиот лидер во еден момент го нарече Трамп „драг Доналд“ и продолжи: „мирот не треба да изгледа како предавање на Украина“. Сакал да каже дека мирот доаѓа преку разбирање, а не преку наметнати договори. Уште и експлоатациски! Но, Трамп повеќе му зборел за „трансакциски договори“, дури му спомнал дека можеби ќе ја посети Москва доколку се постигне мировен договор, што ќе го направи првиот американски претседател кој ја посетил Русија по повеќе од една деценија. Тоа ќе биде огромна дипломатска победа за Путин.

Но, незадоволството врие и во самото САД. Врие и во Сенатот и Конгресот! Сенаторот од Луизијана Џон Нили Кенеди коментирал: „да го фалите Путин е исто како масовниот убиец Џефри Дамер да го наречете Мајка Тереза“. Ако се случи средба со Путин, тогаш ќе падне во вода децениската американска доктрина: САД како бранител на глобалниот поредок заснован на вредности и принципи, и Русија како прекршител на тие правила – велат бројни републиканци.

Не се без основа и констатациите дека се ова има за цел да го растури БРИКС, кој е голема закана за американскиот долар, а со тоа и на целата американска економија. Со децении, САД работеа на создавање клин меѓу Москва и Пекинг. Дури и патувањето на Никсон во Кина во 1971 година, по кое Кина го зазеде седиштето во ОН наместо Тајван, зборува за ова дистанцирање меѓу Русија и Кина, за кое долгорочно се залага САД.

 

Војна за ретки минерали

Се вели дека првите војни се водеa поради ловиштата, потоа поради земјоделските површини, подоцна поради морска пловидба, потоа за колонии и енергенси, и конечно сега за ретки минерали. Констатирано е дека најмногу резерви на ретки минерали има Кина (околу 62% од светските резерви), потоа Украина околу 16%, Гренланд над 7% итн. Модерната технологија, особено интелигентната технологија не може без нив. Европската комисија смета дека Украина е значаен глобален снабдувач на титаниум и потенцијален извор на повеќе од 20 критични суровини.

Украина е позната по своите резерви на ретки метали, кои се неопходни за екрани, дронови, турбини на ветер и електрични мотори. Трамп особено ја нагласи својата желба за ретки метали и побара договор за добивање на минералите во замена за американската помош за Украина во нејзината војна со Русија.

Светот се менува, а со тоа и геополитичките приоритети. Сега американските трупи настојуваат да се фокусираат кон Пацификот, кон индискиот океан, кон јужна Америка итн. Европа претерува со стравот од осаменост. Имено, познато е дека стравот е десет проценти од тоа што ни се случува и деведесет проценти како реагираме на тоа. Познато е дека само тешките времиња знаат да создадат вистински лидери.

 

Балканот врие!

Во Србија протестите на студентите веќе наликуваат на масовен бунт. Пријателот на нашата влада Милорад Додик кој цело време се залагал за отцепување на Република Српска од БиХ доби затворска казна и политичка забрана. Бројни балкански политичари сè уште не можат да разберат дека логиката на Трамп како бизнисмен е многу против тензии и војни, оти тие му штетат на бизнисот, а таму лежи неговата душа. Штом тоа го правите, вие сте негов противник. Додик, славел со „печење“ кога победил Трамп, ама брзо потоа печењето му го затна грлото! Славеа и многу други, ама на сите им е слошенo. Велат дека тој особено не поднесува лажни и фиктивни послушници.

Тука спаѓаме и ние кои на полтронски начин сакавме да го докажуваме наводно „стратешкото партнерство“ со САД во Генералното собрание на ОН. Тоа државата ја прави многу ранлива. Македонија на чуден начин го докажува „стратешко партнерство“ пред САД во време кога тоа не го прави ниту Велика Британија како вековна сојузничка на САД. Тешко ја сфаќаме таа турска изрека дека не треба да го мерите со агите оти ќе останете без … Успешната политика не се прави со сервилност кон посилниот, туку со способност да знаете до каде можете да го следите, оти е јасно дека дивите води се многу опасни за мали и слаби пливачи.

И Косово се осеќа запоставено, првенствено поради затворениот ум на Курти. Тој никако да разбере дека мозокот е налик на падобран кој функционира само ако е отворен. Затворениот ум е ист како затворен падобран, но разликата е во тоа што фаталните последици кај умот не се индивидуални туку масовни! Опасно е кога нема да се наслоните кон силата што ја имате, туку кон она што ја посакувате! Понекогаш го постигнувате она што го сакате, но губите сè друго.

Mерсел Биљали

 

Back to top button
Close