Разузнавачи на САД: Русија се соочува со „сериозен недостиг на човечки ресурси“ во војната против Украина


Русија се соочува со „сериозен недостиг на човечки ресурси“ во својата шестмесечна војна со Украина, заклучија разузнавачките служби на САД, јавија дел од американските медиуми.

Русија се обидува преку разни начини да го реши проблемот со немање доволно војска, како на пример терајќи ги ранетите војници да се вратат во борбените линии, ангажирајќи приватни компании за обезбедување, па дури и повици за служба на затворениците, изјави неименуван американски службеник.

Според него, како што било потврдено од разузнавачите, Министерството за одбрана на Русија во најскоро време ќе започне со повици до криминалците да стапат во служба „во замена за помилување и финансиска компензација“.

Како што е познато, рускиот претседател Владимир Путин минатата недела потпиша указ за зголемување на бројноста на вооружените сили за 137,000 војници, или вкупно 1.15 милиони луѓе. Указот стапува во сила на 1 јануари.

Заменик министерот за одбрана на САД, Колин Кал, неодамна изјави дека според оценките на САД, во првите месеци од војната Русија претрпела огромни загуби.

-Во војната има многу магла, но сметам дека може со увереност да се каже дека за помалку од шест месеци руските загуби најверојатно бројат 60 до 70 илјади луѓе,. Тука се вклучени убиените и ранетите. Тој број може да биде малку помал или малку поголем, но сметам дека е слично на тоа, изјави Кал.

Русија ретко излегува со проценки за загубите. Од друга страна, пред и по почетокот на војната САД штедро споделуваат доверливи разузнавачки детали за да се разобличат плановите на руските операции за дезинформација, или да се привлече внимание на тешкотиите со кои Москва се судира во нејзината војна против Украина.

На почетокот на оваа недела, Администрацијата на Бајден соопшти дека Русија се судрила со технички проблеми кај беспилотните летала од иранско производство.

-Русија има одредени тешкотии и се судира со ограничени возможности, кај иранските беспилотни летала од моментот кога ги доби, изјави Џон Кирби, претставник на Советот за национална безбедност при Белата куќа.

Дроновите што Русија ги доби од Техеран пристигнале кон средината на август, јави Вашингтон пост.

Весникот исто така соопшти и дека Украинците користеле лажни ракетни лансери Химарс направени од дрво, за да ги насочат руските ракетни системи да стрелаат во нив, и со тоа да ги употребат напразно балистичките ракети на непријателот.

Back to top button
Close