Седница на САС на МПЦ-ОА: Загриженост за состојбите во Сирија и Либан, нов портпарол на Синодот ќе биде епископот Хераклејски г. Климент
Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), на својата редовна седница во работен состав, одржана на 12 декември 2024 година, во просториите на Македонската Архиепископија, разгледа повеќе прашања и настани поврзани со црковниот живот на нашата Света Црква.
Синодот ја изразува својата длабока загриженост за новонастанатата состојба во Сирија и во Либан, како и за засегнатите верни чеда на Антиохиската Патријаршија. Исто така, како сестринска Црква, искрено сострадувајќи, Го молиме Семилостивиот Бог, Кој ги успокојува обременетите (Мт. 11, 28), да ги благослови сириските и христијаните на Истокот – пастирствувани од Неговото Блаженство Патријархот Антиохиски и на целиот Исток Јован Х – и да ги укрепи во верата и надежта, притоа дарувајќи им го неопходниот мир.
Синодот ја известува црковната јавност дека четириесетдневниот помен на блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј ќе се изврши на 3 јануари 2025 година, на Плаошник во Охрид.
Во иднина, секретарот на Синодот, Неговото Преосвештенство Епископ Хераклејски г. Климент ќе ја извршува должноста портпарол на Синодот и на јавноста ќе ги изнесува официјалните ставови на САС на МПЦ – ОА. Неговата должност ќе започне на 1 јануари 2025 година.