Седум вештаци прават супер-експертиза за трагедијата на „Дурмо Турс
Случајот „Ласкарци“ и овој месец чека завршница. Супер-вештачењето кое го побара скопскиот кривичен суд веќе е почнато. Бирото за судски вештачења ангажирало седум лиценцирани вештаци за да ја направат екпертизата која треба да покаже зошто излета автобусот на „Дурмо Турс“ на автопатот Скопје – Тетово на 13 февруари 2019 година. Во трагедијата тогаш загинаа 16 патници, а 37 беа повредени. Од Бирото не откриваат детали, ниту кога е почнато вештачењето, ниту пак кога се очекува тоа да заврши. Во меѓувреме, во Кривичниот суд се закажани рочишта за март и за април, но по сè изгледа ќе се одлагаат сè до пристигнувањето на супер-вештачењето, пренесе Алсат.
„Од Бирото сме известени дека интензивно се работи на супер-вештачењето и штом ќе биде доставено, ќе биде изведено пред странките во постапката на главна расправа, а со тоа ќе заврши доказната постапка за случајот и ќе бидат закажани завршните зборови“, наведуваат од Основниот кривичен суд Скопје.
Судењето почна во септемри 2019 година, а иако лани во ноември дојде до самиот финиш, од тогаш нема поместување. Судот уште тогаш побара супер-вештачење затоа што беа презентирани различни наоди од Обвинителството и од одбраната за тоа како се случила трагедијата. За автобуската трагедија со автобусот на „Дурмо Турс“ првообвинет е газдата на фирмата, Дурмиш Бељули, потоа возачот на автобусот и уште четворица вработени во „Дурмо Турс“, како и во гостиварскиот Технички центар во сопственост на Бељули, каде се сервисирал автобусот. Во него Обвинителството констатираше низа неправилности. Им се суди за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.