Секој има право на свое мислење, но не и на свои факти


Денко Малески

Некои луѓе никако да разберат дека секој има право на свое мислење но не и на свои факти. Германската министерка за надворешни работи Бербок го споделува своето мислење со македонскиот министер велејќи дека треба да се исклучи ветото од процесот на одлучување за прием во ЕУ но дека тоа не го менува фактот дека ветото постои денес. Потоа советува на едногласноста во одлучувањето во ЕУ да не гледаме како на неправда туку како на начин на одлучување. Со други зборови, како на факт. Истото предупредување го слушаме од сите страни, од независноста до денес. Пред 32 години, во 1992, на состанок на Конференцијата за Југославија, словенечкиот претседател Кучан му пренесе на нашиот претседател она што лорд Карингтон му го кажал во еден приватен разговор. Почнал со:„кутриот мој стар пријател Глигоров“, па додал дека не знае како ќе се реши проблемот со Грција. Рекол дека лично се наоѓа во многу незгодна ситуација сега кога Бадинтеровата комисија во своето правно мислење запиша дека Македонија и Словенија ги исполнуваат условите за признавање од ЕЗ а признаени биле Словенија и Хрватска. Обајснил дека правниот принцип се судрил со принципот на едногласност во одлучувањето во ЕЗ. И толку. На лордот лично му било многу жал, и негово мислење е дека тоа не требало да биде така, но бегање од фактот наречен едногласност нема. Наравоучение: во меѓународната политика нема плачење за тоа колку е неправеден тој факт, го прифаќаш и согласно тоа, а не согласно твоето мислење, ја формулираш надворешната политика. Дали мене ми се допаѓаше првото вето после правното мислење на Бадинтеровата комисија на Конференција за Југославија во која вложивме толку многу труд? Се разбира не.Сакав да триумфира правото и правдата, но политиката раководена од интереси победи. Оттаму мојот став дека надворешната политика на Македонија мораше да се формулира согласно тој факт и да бара компромис. Приказната дека ќе ги смениме фактите кои не ни одговараат, само ако народот гласа за нас, ги слушаме со децении. Со таквото мислење во нечии глави,чекајќи на подобри времиња кога нема да има вето, ги пропуштивме „златните години“ на ЕУ и на Европа и дочекавме, после руската агресија врз Украина, на дело да ја видиме надмоќта на политиката на сила врз правото.Тоа дека имаме симпатии и разбирање кај останатите 26 членки на Унијата денес, како што вели новиот премиер по посетата на Берлин, не го менува фактот дека без една членка нема решение. И на почетокот од деведесеттите имавме големи, дури огромни, симпатии, ама тоа не го реши проблемот со нашето членство во НАТО и ЕУ, организации кои одлуките ги носат со консензус. Од каде доаѓа ова наше одбивање да се соочиме со фактите?
Ребека Вест, Англичанка,патописец од минатиот век, во својата книга „Црно јагне и сив сокол“, запишала за нас балканците дека ги прифаќаме фактите само кога ни одат во прилог и никако поинаку. Тоа ли е таа иста ментална состојба кај нас и денес,која мислењето за неправедноста на ветото го прави посилно од фактот дека така се одлучува во ЕУ?

Back to top button
Close