Северна Македонија мора да ги воведи онлајн судењата

Позитивната страна од пандемијата е во тоа што не извади од удобната зона и не натера да размислуваме и делуваме во насока на модернизирање на судството за со цел да се овозможи ефективна и ефикасна правда за граѓаните – концепт, што е стремеж на секоја досегашна правна реформа. Несомнено е дека и претходно судскиот систем силно се соочувал со предизвици, но ниту еден предизвик до сега не не натерал размислуваме за суштински промени во начинот на спроведувањена судењето, декорумот во постапката и отворање на конструктивен дијалог меѓу актерите во правосудството – без создавање на вазален или патерналистички однос помеѓу судството и извршната власт. Меѓутоа иницијативата на министерот Бојан Маричиќ за разгледување на опцијата за онлајн судења е одлична и е за пофалба и има начин да се спроведи во целост.

Пандемијата само го забрза процесот на решавање за финансиските импликации за судството, кои беа наследени од претходно: судските буџети, неефикасноста и бавните процедури, проблемите со независноста, транспаретноста, дури и неможноста за испорачување на ефикасна правда. Сепак во јавноста се создаде поттик за отворање ново поглавје не само кај нас, туку во регионот и пошироко за утврдување на слабостите во системот на правораздавање и електронско комуницирање. Тоа ја поттикна дискусијата за виртуелна правда, онлајн судења, електронска комуникација меѓу судовите, изведување на докази по електронски пат, електронски потписи и сл. која се води од страна на ОБСЕ/ОДИХР, CEELI Инстутот и UNODC.

Онлајн судењата во граѓанска и кривична постапка, моментално се дозволени во Австрија, Хрватска, Франција (каде рочишта се одржува преку телефон, без видеоконференција), Унгарија, Ирска, Казахстан (каде што беа користени ZOOM и апликацијата TrueConf), Португалија, Србија, Словенија, Шведска и Велика Британија. Во Украина, високите судски власти дозволија употреба на повеќе апликации за видеоконференција каде учесниците мораа да се пре-регистрираат со дигитален потпис и детали за најавување и лозинка. Сите онлајн судења во Украина, подоцна беа објавени на YouTube за да обезбедат пристап до јавноста. Наспроти тоа, во Грција не постои регулаторна рамка што дозволува онлајн судења. Грчкиот Врховен суд изгласа заклучок дека за полесни кривични дела може да се организираат онлајн судења. Прво, за да може судовите да организраат онлајн судења, одлуката мора да има легалитет односно правна основа со закон или друг акт кој експлицитно тоа го дозволува. Во некои земји оваа опција постоеше и пред пандемијата во смисла за определени постапки или кривични дела. На пример, Хрватска во 2019 година со измените во Законот за парнична постапка беа дозволени онлајн судења во граѓанските предмети. Спротивно на тоа во Италија, направи законски измени во 2020 година и дозволи онлајн судења во граѓанските предмети и во постапките за медијација. Второ, кај онлајн судењата покрај критериумот на легалитет, технолошка опременост, потребна е постојана комуникација со сите актери на правосудниот систем т.е. судии, адвокати, обвинители. Во таа смисла потребно е разработка на одржлива стратегија за поставување на унифицирани правила на игра, заштита на приватноста и размена на документи и податоци.

Тука CEELI и ОДИХР поставуваат клучни индикатори дали или не онлајн судењата се одржливи: Видот на предметот и потенцијалното влијание врз правата на обвинетиот; Сложеноста на предметот, бројот на сведоци, вештаци, преведувачи/толкувачи; Опремата достапна за сите вклучени страни и лица во постапката; Можноста за активно учество на одбраната; Способноста на странката и адвокатот да комуницираат меѓусебно доверливо за време на онлајн судењето; формата и начинот на изведување на доказите и сл.

Да не ги заборавиме и процесните права. Секако главни предизвици се: физичкото присуство, јавноста во судењето, еднаквоста на оружјето, ефективното учество на одбраната,превод и тумачење па и базични проблеми како идентификација на лицата и позицијата на судијата. За решавање на овие проблеми конкретно за нас се битни:  членот 8 од Директивата 2016/343 за презумпција на невиноста и правото да се биде присутен на судењето, Европската повелба за фундаментални права, членови 47 и 48, членот 6 од Европската конвенција за човекови права на Совет на Европа, како и членот 14 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права. Овие членови како почетна точка ги земаат индивидуалните права (ефикасноста/ должината на судењето наспроти другите гаранции за фер судење).

Правото на присутност првично го асоцираат со физичката присутност, со објаснување дека дел од човековото достоинство е обвинетиот да има ефективно учество и можност да се брани во живо пред суд. Меѓутоа тие не ја исклучуваат можноста за виртуелно присуство на обвинетитот пред суд, доколку соодветна информирана согласност е дадена од обвинетитот или неговиот бранител. Дури откако согласноста е дадена, судот е должен да направи проценка за влијанието на правичноста на судењето, односно дали индикаторите за правично судење се исполнети (можност за ефективна одбрана, превод и тумачење, можност за изведување и испитување на докази и сл.). Кон таа теза се движи и практиката на Европскиот суд за човекови права.

Иако практикaта на судот е различнa, за воведувањето на на онлајн судењата за нас се битни: Марсело Виола против Италија каде судот упатува дека учеството на обвинетиот преку видеоконференциска врска не е спротивно на одредбите од Конвенцијата и тој може виртуелно да биде присутен во судница, но препорачливо е за ефективно остварување на правото на одбрана тој да биде физички присутен. Исто така воведува обврска за судот да процесни дали има легитимна цел тој да учествува преку видеоконференциска врска и дали барањата за правична постапка од членот 6 од ЕКЧП се исполнети.

Во Трепашкин против Русија, судот укажува дека дали физичко присуство на обвинетиот во предметот е задолжително или не, судот мора да оцени следните фактори: Природата на постапката и делото кое се става на товар на обвинетиот; ранливости или посебни потреби и можност за остварување на правото на одбрана.

Од друга страна јуриспруденцијата на ЕСЧП ќе ја споредиме со практиката на Меѓународниот трибунал за Руанда. Првично самиот Статут на трибуналот имплицира дека терминот присуство се однесува на физичко присуство на обвинетиот што е општ основен предуслов за успешно спроведување на кривично судење. Во предметот Зигираниразо против обвинителството, судот упатува дека обвинетиот може да се откажи од правото на физичко присуство или тоа право да му се ограничи врз основа на виша сила (vis major) или друга значителна околност која донела до прекин на судењето. Меѓутоа завршна проценка и преипитување на условите за пропорционалност за тоа прави судот.

Да се навратиме кај нас. Oнлајн судењата беа возможни со Владината директива за време на вонредната состојба, како и пермисивната норма на Судскиот совет со која се направи градација на итноста на предметите. Првото онлајн судско рочиште, кое реално не стави на мапата како иновативни лидери во регионот, беше организирано и спроведено од Основниот суд во Кавадарци. Меѓутоа основата за одржување на онлајн судења заврши со прекинување на вонредната состојба. Следејќи го позитивниот пример на судот во Кавадарци, Основниот суд во Штип донесе Протокол за заштита на здравјето на судиите и насоки за користење на електронска комуникација. Здружението на судиите во соработка со ОБСЕ и Кривичниот суд во Скопје, го донесоа  Протоколот за спроведување на мерки за заштита од КОВИД 19 во судовите. Овој напредок индицира дека во Северна Македонија постои и енергија и основа за воведување на онлајн судења, потребен е само поттик. Меѓутоа тука улогата на Судски совет е клучна.

На едно место во Неспокоен националзам –  проф. Фрчковски има добра теза и укажува дека доколку сакаме да опстанеме како нација, ние мораме да бидеме најдобри во се што правиме. За нас прашање на опстанок е да бидеме најдобри, а не на престиж или каприц. Само најдобри ние сме видливи и не има, во спротивност ќе не нема. Акцентот тој го става на елитното образование и еманципаторско-радикална културна продукција која би овозможувала нашите луѓе да се најдобри во мноштвото кое конкурира за било какви проекти или решенија, кое се натпреварува и твори. Потребна е само добра координираност и анализа на состојбите во законодавството и анализа на техничките можности за судовите да спроведат такви судења. Сега е моментот Министерството за правда во соработка со Судскиот совет, Советот на јавни обивнители, Адвокатската комора и само струковите здруженија (судии, обвинители и кривично право и криминологија) да направат одржливи решенија за функционирање на судството за следната пандемија или криза.

 

м-р Андреј Божиновски

Докторанд на правниот факултет во Загреб

Back to top button
Close