Шамари на сите страни

Речиси е јасно дека остатоците од она злосторничко здружение од периодот на заробената држава, денес се’ уште присатно кај нас под фирмата на политичка опозиција, ја критикува власта за се’ и сешто само да се најде во работа, да се покаже пред она малку членство што им останало дека и тие, ете, нешто прават. Иако се’ што прават – прават глупаво, недоветно, детски неразумно, неуко. Што и не е некое посебно чудо кога ќе им го видиш раководствоно – една збирштина неуки провинцијалци со божем генералски еполети, бог да чува и да брани. Ама, си велам, веќе ништо не не’ чуди, свикнавме на такви сурати и простаклук, на глупави изјави, на смешни коментари… И постојано нешто се правдаат дека некој – односно власта, нормално – не им дава ова или она, како некој да е должен постојано нешто да им дава. Ама и тоа е пуста навика, уште од времето на оној криминалецон.

Но, тоа некако и се прежвакува – едноставно гасиш тон и слика, ама кога ги слушаш и луѓево од власта, особено највисоките функционери од Владата како се жалат дека не можат да си ја извршуваат работата, како ни објаснуваат што е државата и дека од неа никој не е посилен… ама повторно и ним некој им пречи – главно опозицијата, се разбира – просто човек се наоѓа во чудо: па добро, кој раководи со оваа и ваква држава – ако некој воопшто тоа го прави – и како, кога сите се жалат едни на други? Веќе свикнавме на секакви подметнувања помеѓу власта и опозицијата, на префрлањето на вината едни на други, ама се чини дека работиве отидоа предалеку па веќе и не знаеме што е што и кој е кој, кој треба да раководи и како, кој ги има механизмите на власта и дали ги применува… ? Зашто, ако државата е навистина најсилниот фактор во земјава, како тоа двајца религиозни политиканти отворено се мајтапат со нејзините одлуки и мерки, како тоа еден градоначалник јавно се потсмева со нејзиниот углед и парадира со некоја негова лична моќ, зошто и (нај)високи државни функционери се спрдачат и не ги спроведуваат мерките за коишто гласаат на седниците на таа иста Влада во којашто членуваат… ? Извинете ама ќе ни објасни ли некој кој тоа им пречи да работат и кому тоа тие објаснуваат кој е овде силен и кој е кому потчинет? Или тоа ние, граѓаните, нешто им пречиме, не сме доволно послушни… или тоа сепак се однесува на опозицијата – онаа и онаква јадна и никаква која не знае што со себе, или станува збор за некој трет? И кој е тој трет, ако смееме да знаеме?

Или Владата си пречи самата себеси? Зашто кога го слушаме и читаме министерот за здравство дека „здравствените работници не можат сами“, дека „мерките се добри и навремени, но тие функционираат само ако се почитуваат, во спротивно немаат ефект“, првото прашање што се наметнува е: кому му се обраќа министерот? Нам, на граѓаните? Ние нешто им пречиме на здравствените работиници да си ја вршат работата, ние не ги почитуваме мерките? Или мисли на некој друг, односно некои други? И на кого? Дали министерот фактички се обраќа на неговите колеги во Владата, дали во нив ја насетува/гледа главната кочница во важните битки против короната? Ако е така, а голем дел од граѓаните не се сомнева дека безмалу сите проблеми произлегуваат токму од „белата шампита“ и различните интереси што таму владеат дури и во вакво време, зошто не ги именува, јасно и гласно, зошто не побара поддршка од колегите во Владата, од здравствените работници, па и од граѓаните? Таа поддршка сигурно и безрезервно би си ја обезбедил од второ и третоспомнатите. За првите – тој подобро знае. Ама се чини почнуваме и ние да знаеме! Но, што е уште поинтересно, во општиот плач дека некој нешто ни прави, дека оваа наша „реалност“ станува веќе неподнослива, полека се вклучува и СДСМ, чијшто потпретседател признава дека целата ситуација „(…) се претвори во политичко препукување и битка за политички поени“ (https://libertas.mk/2020/05/26/nesovesnoto-odnesuva-e-na-grupa-gra-ani-i-ignorantno-odnesuva-e-na-mvr-e-shamar-vrz-site-gra-ani/). И дека целиот овој галиматијас е шамар „за сите граѓани“, „шамар за целата држава“ (sic!). Што е стопроцентно точно, немаш што да додадеш, немаш што да одземеш.

Освен едно: кој ни ги лепи тие шамари!? Та не’ не претвори коронава во некакви мазохисти па да уживаме некој да ни лепи шамари? Ако тоа некој треба да го знае, треба да го знае власта, првенствено Владата. Зашто ако остане на ваква типично социјалистичка изјава за „некој“ или „некои“, според таа иста стара социјалистичка логика тоа е еднакво на никој и – никои. И тоа не е разложно, разумно објаснување, повеќе наликува на затскривање на нештата односно несакање да се говори отворено. Зошто, кога тие „некој“ и „некои“ ги видовме сите (освен можеби вечно нерасонетото ни Јавно обвинителство), дел од нив ги знаеме по име и презиме, па следствено: што тогаш тука има да се крие? Тоа веќе не е ни соодветен политички коректен говор, уште помалку некаква меѓупартиска или којзнае каква друга „дипломатија“. Сакам да кажам: ако главната движечка сила на коалицијата на власт веќе отворено констатира дека некој ги шамара „сите граѓани“ на оваа држава, па дури дека тој некој, или некои, ја шамараат и „целата држава“, социјалистичката реторика никако не соодветствува на димензиите на случувањето. Ако министерот за здравство отворено вели дека „здравствените работници не можат сами“, без помош на главните државни механизми да се справат со пандемијата, тогаш во целиот систем нешто не штима. Тогаш во целиот државен систем очигледно има поединци, или групи, кои – најблаго речено – му поставуваат сопки на системот, го кочат, не дозволуваат тој навремено и соодветно да дејствува. Ако пак сето тоа пораснало толку многу, дури до (незамисливите) димензии на шамарање на граѓаните и целата држава, тогаш овој систем, оваа држава е во сериозни проблеми. И ако тоа е едно од оправдувањата на Социјалдемократскиот сојуз за брзи избори дури и во време на пандемија, тогаш заслужуваат безрезервна поддршка.

Ама, секогаш има некое „ама“: слични ситуации имавме и пред две-три години, многу нешта чкрипеа во владеачката коалиција, за да прераснат во она што на дело го гледаме денес. Ама (ни) тогаш не се превзедоа сериозни чекори. Што е тоа што ќе не’ убеди дека сега ќе биде поинаку? И дека во иднина нема да има шамари, за нас и за државата? Знам, веднаш некој ќе рече дека такви гаранции никој не може да даде. Извинете, ама не е така. Ние имавме извесни (не мали, напротив) гаранции и пред три години, коишто со помош на коалициската магија исчезнаа од агендата на власта. Говорам за сериозни гаранции за уште посериозни проблеми. Гаранциите се стопија, проблемите останаа, дури нараснаа. Оттука, не тврдам, не сум пророк, ама мислите дека гласачкото тело и понатаму е онака незрело и неуко како пред многу години? Не сум сигурен во тие и такви „анализи“.

Златко Теодосиевски

Извор

Back to top button
Close