Штети предизвикани од стечајот Еуростандард банка
Почитувани читатели, денес во мојата колумна посветена на Еуростандард банка ќе пишувам за мојата лична перцепција за настанатите штети, директни и колатерални во сиот општествен живот на Република Македонија, предизвикани со стечајот на банката.
Пропустите, а подоцна штети, се направени од страна на Народна банка за консолидирање на Еуростандард банка, за учеството на Техничката Влада со носење на две контроверзни уредби со сила на закон, и за молкот на судството и Собранието на Република Македонија. За овие контроверзни и незаконски пропусти пишував и ќе пишувам во идните колумни.
Основната цел на моите писанија претворени во колумни е да бидам секојдневно присутен во етерот и меѓу граѓаните, со детални информации за ова злодело, чии последици во натамошниот текст согласно моите согледувања ќе бидат таксативно објаснети.
1. Македонски пошти – Со договорот потпишан помеѓу Македонски пошти и Еуростандард банка, 330 филијали во сопственост на Македонски пошти, низ цела Македонија беа водени од Еуростандард банка. Заедно со филијалите на Еуростандард банка тие остваруваа 1,4-1,6 милиони финансиски трансакции во текот на еден месец. Овие трансакции учествуваа со 24% од вкупниот платен промет во Македонија, реализиран преку Еуростандард банка. Приходите од овие извршени трансакции се делеа: 67% за Македонски пошти и 33% за Еуростандард банка. Со овој договор Еуростандард банка преку филијалите на Македонски пошти вршеше исплата на пензии на повеќе од 80.000 корисници. Приходите на Македонски пошти, по основ финансиски трансакции и исплата на пензии, ги покриваа вкупните трошоци за функционирање на Македонски пошти. Денес овој приход од финансиски трансакции и исплата на пензии не постои или ако постои тогаш тој е минорен. Евидентно е дека финансиската состојба на Македонски пошти значително се влоши после стечајот на Еуростандард банка. Нередовната исплата на лични доходи на вработените во Македонски пошти и нивното масовно заминување е евидентно. Прашувам, дали некој ќе понесе одговорност за уништувањето на Македонски пошти?
2. Правни и физички клиенти на Еуростандар банка- Последиците од неочекуваниот стечај на Еуростандард банка, директно ги погоди сите правни и физички лица, клиенти на Еуростандард банка. Одненадеж армија на правни и физички лица се најдоа во ситуација да се борат за својот опстанок. Кај правните лица многу бизниси и производствени процеси беа стопирани, од чисто финансиски причини. Физичките лица недвосмислено се соочија со опасност како да си го сочуваат личниот финансиски имот. Траумите кои ги доживеаа правните и физички лица со носењето на Еуростандард банка во стечај се големи и со далекусежни последиците, кои ги почувствуваа на сопствен грб. Уништени се многу проекти, и би додал животни соништа кои секој од клиентите на Еуростандард банка ги имал во себе со цел да градат иднина за себе и своите блиски. Загубите на правните и физички лица со носењето на Еуростандард банка не може туку-така да се проценат, но верувајте дека се огромни.
3. Носењето на Еуростандард банка предизвика масовно отпуштање на вработените во нашиот систем и системите на нашите клиенти Отпуштањето на вработените предизвикано од стечај е со последици и колатерални штети за нив и нивните семејства. Создадовме армија на невработени лица чија судбина беше предизвикана од еден потег на неквалификуван и оскуден со знаење гувернер на Народна банка. Судбината на многу семејства ја прекрои еден човек.
Во оваа прилика нема да пишувам за загубите што ние како семејство ги почувствувавме, но верувајте дека се огромни. Целта на оваа колумна не ми е да говорам за себе, туку да го бранам интересот на мојот сограѓанин, кој без сопствени причини станува жртва на организираниот криминал и корупција. Егзистенцијални судбини на илјадници семејства се ставија во позиција на прашалници, само со една непромислена одлука на актуелниот гувернер на Народна банка. Дали треба да дозволиме вакви постапки да останат неказнети, а со тоа да станат повторливи штети, било конкретни, било колатерални.
Трифун Костовски