Скопјанец со највисока годишна бруто плата лани од 144 милиони денари, најмладиот милионер има девет години
Жител на Скопје минатата година остварил и пријавил 446 милиони денари годишен бруто доход. Највисока годишна бруто плата во 2022 година исплатена е на граѓанин од Скопје во дејноста трговија на големо со производи од тутун и изнесува 144 милиони денари, покажуваат податоците што ги објави денеска на прес-конференција Управата за јавни приходи.
Како што информира директорката на УЈП Сања Лукаревска, највисокото лично примање по основ на извршена работа го пријавил граѓанин од Скопје и изнесува 280,6 милиони денари на годишно ниво, а доходот е остварен во странство. На врвот на листата за исплата на највисок доход од самостојно вршење дејност повторно се скопјани, а највисокиот износ е 61,9 милиони денари.
Во 10- топ рангирани на листата се наоѓаат адвокати, нотари, угостители, одгледувачи на жито и мешункасти растенија и од дејноста производство на анбалажи од хартија. Највисокиот доход од продажба на земјоделски производи е во износ од 18,9 милиони денари, а ја остварил жител на Скопје.
Највисоката капитална добивка минатата година изнесува 173,4 милиони денари, а е остварена и пријавена од граѓанин на Скопје кој продал удел во трговско друштво чија дејност е производство на филмови, видео филмови и телевизиска програма.
Највисоката исплатена дивиденда е во износ од 229,6 милиони денари на граѓанин на Скопје, кој се јавува како сопственик на удел во компанија чија дејност е болници.
Најмладиот милионер кој остварил најголема добивка во денари има само девет години.