Скопското обвинителство им помогна на белгиските истражни органи да обезбедат докази за убиство на жена во Белгија

Скопското обвинителство им помогнало на белгиските истражни органи да обезбедат докази за убиство на жена во Белгија. Во досегашната постапка на белгиските истражни органи обезбедени се докази за инволвираност на двајца македонски државјани во овој настан, од кои едниот веќе се наоѓа во притвор во Белгија и очекува судење.

– Постапувајќи по барање за меѓународна правна помош, Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи презедоа повеќе комплексни истражни дејствија по барање на белгиските истражни органи, вклучувајќи и два претреси во Скопје со цел обезбедување докази за убиство од користољубие извршено во Белгија, известија денеска од ЈО.

Белгиското обвинителство води постапка за убиство извршено во Остендe, Белгија, откако на 21 март било пронајдено безживотно тело на жена фрлено во близина на граничниот појас меѓу Белгија и Холандија..

– Како дел од истрагата за вклученост на вториот македонски државјанин, белгискиот истражен судија побара од Основното јавно обвинителство Скопје да преземе повеќе истражни дејствија. Врз основа на обезбедени наредби од Основниот кривичен суд Скопје, беа извршени и претреси на две локации во Скопје. Јавен обвинител и истражниот центар на скопското обвинителство, како и повеќемина припадници на МВР ги реализираа сите активности согласно барањето за меѓународна правна помош, соопштуваат од ЈО.

Од белгиска страна, при спроведувањето на истражните дејствија во Скопје, беа присутни истражен судија, јавен обвинител и претставници на белгиската федерална полиција, кои исклучително високо ја оценија соработката со македонските истражни органи.

– Овој предмет е вистински школски пример за совршена меѓународна соработка помеѓу јавните обвинители и полициските службеници од Република Северна Македонија и европските правосудни и полициски органи, оцени претседателот на Истражниот оддел на Првостепениот суд на Западна Фландрија, истражниот судија Кун Витук по акцијата во која беа обезбедени докази важни за постапката пред белгискиот суд.​

Back to top button
Close