Спасовски: На 5 октомври годинава е извршена последната проверка за исправност на автобусот на „Беса транс“

Првиот човек во Министерството за внатрешни работи, Оливер Спасовски вечерва на прес-конференција рече дека покрај претставници на МВР, во Бугарија пристигнаа и претставници на неколку стручни служби од нашата држава кои ја понудија експертската помош, како и на нашето Обвинителство кои на колегите од бугарското јавно обвинителство ќе им ја обезбедат и предадат целокупната потребна документација.

Рече дека очекува брза и сеопфатна реакција на надлежните служби.

Очекувам брза и сеопфатна реакција на надлежните служби и верувам дека со заедничка соработка многу брзо ќе имаме одговор на сите нејаснотии околу оваа трагедија. Она што засега можам да го кажам и е во доменот на податоци со кои располага МВР е дека последната извршена проверка за техничка исправност на автобусот е направена на 5 октомври оваа година, а истражната постапка ќе ги даде одговорите на сите отворени прашања. Нашата земја и Бугарија се заедно во тагата за жртвите од трагичната сообраќајна несреќа на автопатот „Струма” во Бугарија, но и во активностите за расветлување на причините за автобуската несреќа, за идентификување на загинатите, за давање помош и лекување на настраданите, за што сме, исто така, благодарни. Истовремено, нашите мисли и молитви остануваат со повредените. Од срце посакувам нивно брзо закрепнување и што поскоро враќање во нивните домови, крај најблиските, вели Спасовски.

Back to top button
Close