Српската Влада подготвена да ги покани ФБИ и ФСБ да спроведат истрага за евентуална употреба на звучниот топ на протестот во саботата

Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска изјави дека владата е подготвена да упати официјална покана до американското Федерално биро за истраги (ФБИ) и Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) да дојдат и да спроведат истрага за наводната употреба на звучен топ на саботниот протест во Србија, јави МИА од Белград.

„Подготвени сме официјално да упатиме покана, ништо не криеме“, изјави Вучевиќ.

Тој го повтори ставот дека ниту еден српски државен орган не употребил звучен топ на протестот во саботата.

Вучевиќ приказната за употребата на звучен топ ја нарече измислена.

„Нема наредба од раководството на полицијата, од претпоставените во командниот синџир, ниту од единиците кои беа на терен, ниту од командниот дел да се спроведе каква било акција против некого“, рече премиерот на Србија во оставка.

Тој оцени дека зад се се крие „продолжението на обоената револуција во Србија“.

Вучевиќ рече дека српската полиција нема што да крие и дека очекува обвинителството се темелно да истражи.

„И кога ќе се утврди дека лажеле, па ќе видите дека лажеле, ќе треба да одговараат тие што ги шират лажните вести. И за тоа нема преговори“, рече тој.

Вучевиќ обвини и одредени лекари „кои учествуваа во протестите“ дека последователно им давале инструкции на граѓаните каква болка треба да пријават.

Дел од опозициските партии и граѓански здруженија побараа и поднесоа кривични пријави со назнака дека на тој протест бил употребен звучен топ.

Back to top button
Close