Телма: Цвета Ристовска не предавала на студенти на УТМС, но тие ѝ дале одлична оценка – ДКСК тврди дека предавала без пари
Во собранието се тврдеше дека антикорупционерката Цвета Ристовска нема судир на интереси, затоа што не земала пари за предавања на Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје (УТМС) и последен пат била ангажирана пред четири години. Но, во официјалните документи на приватниот Универзитет стоеше спротивна информација. Пред две години, таа била дел од наставниот кадар на Универзитетот, а тоа се докажува, затоа што во документот за самоевалуација, Цвета Ристовска од студентите на кои им предавала ревизија добила, речиси, перфектна оценка за нејзините предавања.
Во самоевалуацијата стои и дека во 2022-ра, Цвета Ристовска предавала на трета година на Економскиот факултет на овој приватен Универзитет. Една година подоцна на истиот факултет, дипломира Бојан Христовски, но предметот за него и неговата факултетска диплома, Ристовска го водеше и предложи одлука да се отфрли. Претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска и вчера на пратенички прашања во Собранието тврдеше дека нема судир на интереси на нејзината колешка и имаше свое толкување на ова антикорупциско правило.
Телма повторно прати прашања до ДКСК дали имаат било каков документ од УЈП за тврдењето за без пари предавањата на сегашната антикорупционерка Ристовска. Во договорот се тврди дека немало писмен договор и немало обврска да се пријавува ништо во УЈП.
„Со оглед дека во наведениот период таа не остварувала приход од оваа активност, не постоела законска обврска за пријавување на учеството во Управата за јавни приходи. Во врска со барањето за доставување на договор за ангажман помеѓу Универзитетот и членот на ДКСК, Цвета Ристовска, истакнуваме дека Цвета Ристовска никогаш не била формално ангажирана преку договор со Универзитетот, а нејзиното учество било во улога на гостин предавач по покана, без финансиски надомест“, ни одговорија од ДКСК.
Прашавме и дали ДКСК го пријавила Универзитетот во полиција, затоа што лажно претставува дека Цвета Ристовска е дел од наставниот кадар на приватниот факултет.
„Фактот што нејзиното име се наоѓа на веб страната на Универзитетот, најверојатно е поради тоа што истата има остварено гостинско предавање, како што може да биде случај и со други лица кои биле во својство на гостин предавач. Сепак за дополнителни информации обратете се до универзитетот“, се додава во одговорот од ДКСК.
ДКСК одговори и дека пред да расправа за случајот со Бојан Христовски, Цвета Ристовска сама побарала изземање, но Антикорупциска направиле постапка и утврдиле дека нема судир на интереси, затоа што предметот не бил за приватниот Универзитет, каде студентите пред две години ја оцениле со одлична оценка.