Телма: Повторно е пукано врз Раде Трајковски-Штекли во Ист Гејт Мол, тој е ранет, а тешки повреди има и негов сопатник
Двајца ранети во престрелка во Ист гејт мол. Во вооружениот напад, според првичните информации, ранет е и Раде Трајковски-Штекли кој пред точно два месеци исто така беше цел на напад во истиот Мол и на истата локација, во гаражата на нивото -1, пренесе Телма.
Нападот се случил околу 14 часот.
Двајцата ранети се префрлени во градската болница во центарот на Скопје. Едниот со потешки рани е префрлен на Клиничкиот центар, додека за второто лице се подготвува хируршка операција во болницата Наум Охридски.
Двајца пациенти се примени во болницата, станува збор за две машки лица. Едниот пациент е задржан кај нас, веднаш е однесен во операциона сала поради сериозноста на повредите. Во моментов се изведува оперативен зафат кај овој пациент. Во тешка состојба е и врз него се врши оперативен зафат поради повреди во стомакот и во градната шуплина. Другиот е препратен на Клиниката за торакална хирургија. И кај едниот и кај другиот пациент се работи за прострелни рани – вели директорот на болницата Љубен Арсенков.
Раде Трајковски-Штекли, пред 2 месеца беше цел на напад во истиот трговски центар и на истата локација, во гаражата на ниво „минус еден“.
Раде Трајковски-Штекли, се поврзуваше и со истрагата за убиството на младиот фудбалер Мартин Јанушев. По првичните сомнежи, во истрагата за убиството не беа најдени докази за Трајковски и тој не беше обвинет.
Штекли беше уапсен во Грција во 2011-та како осомничен во Италија за местење на фудбалски натпревари. Трајковски тогаш беше екстрадиран во Италија каде имаше и судење за големиот случај со наместени натпревари во италијанскиот фудбал.