The Tempest

 

Во Северната ни држава дуваат и северни ветрови. И покрај тоа  што метеоролошките прилики се стабилни, а нашата водена  флота е виртуелна (брка ловокрaдци) сепак на хоризoнтот се наговестуваат силни дипломатски ветрови кои можат да предизвикат и политичка бура во нашиов регион. Од кај па сега бура како наслов на колумна. Пак плагијат. Се разбира и не без основа. Политичката ситуација во регионот ме потсетува на Комедијата дел арте во која  успехот зависише од умешноста на глумците, нивните поединечни изведби, вклучувајќи ги и диалозите, досетките и шегите (често неумесни) се препуштени на импровизација. Пред  речиси  пет векови тоа го инспирисало В. Шекспир да ја напише познатата драма “Бура” во која Просперо користејќи илузии и манипулации создава бура како би го насочил бродот кон својот остров, со намера да ја спаси Миранда. Но да го баталиме Шекспир, тој и така делата  понекогаш и не ги пишувал сам.

Да се вратиме во нашата реалност. Кај нас бурите одавно дуваат. Го носат бродот, те на една, те на друга страна. Удира по подводните карпи, потоа  го догледува светилникот, па пак плови до следната сцила, како би упловил во мирната лука, која ние  еуфемистички ја нарекуваме ЕУ. Политички бури  ги предизвикуваме сами, најчесто од незнаење, кое невешто го криеме  и за кои (бури) ја осудуваме опозицијата, а и ткн. меѓународна заедница, која не ретко ни фрла спасоносни  перниџиња   и со тоа ни ја продолжува Одисејата. Домашните кормирали, меѓу кои и многу со  морнарички чинови (вице премиери и тоа први) кои не заслужуват повисок чин од пешадиски наредник, но, негова партиска кадровска експертиза тврди дека тие можат да  управуваат со  бродот. Како? Тоа сами гледате во трагкомедијата во триесетогодишните слики.

Последната бура предизвикана е од приближувањето на Самитот на ЕУ на 25 јуни. Бродските звона звонат узбуна. Кормиларите се будат, а плебсот има други егзистенцијални проблеми, предизвикани со контраверзниот, ни по потекло вирус, кој пак предизвика друга бура, што е надвор од моите вообичаени анализи. Да ги ппогледаме нашите дипломатски активности во последните денови. Зимата си ја преспавме, што е кај нас вообичаено. Формално, а непотребно МНР Османи, ги покани  ткн. амбасадори од државите на ЕУ, на консултации, да им даде инструкции што да се прави, да се спаси бродот, чие што сидро го влече назад. Какви инструкции им дал и како тие се остваруваат, зборува што тој повеќе време проведува во Брисел. И не само тој. Вице премиерот за европски интеграции не може да сфати дека не е МНР. Претседателот и премиерот долго изолирани од меѓународните средби, открија дека и тие мораат до одат до Брисел. Првиот по повод на цероминијата (една година) во НАТО, а вториот конечно да открие што е вистината со изјавата на Орбнавоиот Федесовец, министерот за проширување на ЕУ, Верхеи, а и за инфраструктурната изолација. Со преполнетата агенда за претстојот во Брисел ( точно на Денот на победата), премиерот Заев имаше итра намера да го компензира повеќемесечното одсуство од меѓународната сцена, сем оние понижувачки сцени на Табановце. Се разбира  формалниот домаќин претседателката на ЕК, Урсула фон ден Лајен, се сложи да направи фотка со него, но не и да дадат заедничка изјава. Се разбира дека и останатите личности беа  рафинирано избрани, како заменикот на  Тимеранс, добар познавател на ОБСЕ и се разбира шефот на ЕУ дипломатијата, Ж. Борел, кој да бил малициозен би можел  на Заев да му постави едно недипломатско прашање, како нпр. лобирањето на МНР Османи, Шпанија да го признае Косово, за време на неодамнешната посета  на Мадрид. На оваа констатација   можеше да  се придружи и португалскиот МНР А. Силва, со прашање зошто е изоставен Португал, кога бил пред портите на Лисабон. Потоа премиерот оди во Мадрид на средба со премиерот на Шпанија П. Санчес, заедно со Османи, за да заврши  во Атина на познатиот економски форум, заедно со Димитров во која прилика ќе се сретне со премиерот Мицотакис, а можеше да испие кафе и со поранешниот Ципрас и да се потсети со Димитров на Преспа. Се разбира не можеше да се избегне средба  и со незаобиколниот  Словак, М.Лајчак, специјалниот пратеник за Западен Балкан и поради  негативниот  став на неговата држава кон бугарската позиција околу отпочнувањето на преговорите со ЕУ. Ние не анализираме која е основа на оваа словачка, а и чешката позиција.

Одговорот во Брисел беше јасен и одавно подготвен и консеквентен. Немаше заеднички изјави, затоа што немаше ништо ново да се каже. Нашите пак изјави беа наменети на истоштениот народец во државава, кој се помалку дума за Брисел. Нашите аргументи  се емотивни. Демек ние направивме се, па ЕУ мора да испорача (посебно иритира овој глагол delivery) она што го ветила. Никако да се сети дека ние испорачуваме и аргументи кои мнимателните набљудувачи од ЕУ ги регистрираат, дека не сме баш се направиле. Тоа не ни го соопштуваат, плашејќи се од нови бури кај нас. Во нашите има изјави  кои мирисаат на меко заканување, а делуваат и педагошки врз Брисел кој не треба да ја компромитира европската агенда. Посебно е дипломатски неуко да инсистираме на неодвојување на преговорите со ЕУ со Македонија и Албанија, кога до вчера заговаравме да не ја чекаме Албанија, туку  да почнеме сами преговори со ЕУ. Нашиве никако да сфатат зошто ЕУ инсистира да почнат заедно. На домашен план најмалициозен  е дел од изјавите упатени до ЕУ а кои се однесуваат на губењето на поддршката на нашето население кон ЕУ, бидејќи Брисел не го исполнува ветеното. Народот чека ние да го испониме ветувањето кон нароодот, а на гурбет во ЕУ, тој може и сам да отиде.

Се гледа дека нема координација во дипломатските активности меѓу главните носители. Се дуплираат посетите не само во Брисел, туку и билатералните. На мултилатерала се заборави. Вице министерот Димитров, како и  поранешниот Малески , речиси триесет години порано, ја направи Донкиховската Балтичка турнеја. Првиот со обидот да малите држави во Европа воспостават институционална соработка и да си помогнат што поскоро да се интегрираат во НАТО  и ЕУ. Се разбира дека оваа иницијатива не е прифатена. Димитров се пофали дека балтичките држави ја поддржуваат нашава земја за ЕУ. Ништо ново. Наскоро МНР Османи ќе ја посети Шведска, а зошто не и Норвешака, каде ќе добие ист позитивен одговор.

Во тој контекст се вклопува и официјалната посета на претседателката на Грузија Саломе Зурабишвили, во ситуација кога имаме многу поважни приоритетети на меѓународен план. Посетата ги потврди традиционално добрите односи кои се воспоставени по промената на нашето уставно име. Не ги анализиравме ниту причините зошто православните Грузини и Ерменци толку чекаа за воспоставување на дипломатските односи. Ерменија не покрива од Атина. Посебно одушевува нашиот Протокол, кој секогаш ни приредува изненадувања. Овој пат полагање на венецот  на гробот на Г. Делчев, заедно со нашиот претседател Пендаровски, кој не ја искористи приликата на 4 мај самиот да положи венац. Ова не е компензација за  направениот гаф. Полагање на венци на странските државници се врши секогаш на едно монументално место, освен кога постојат посебни обележја поврзани со државата чиј државник полага венец. Претседателката на Грузија секако нема никаков мотив за таква церемонијална активност. Во одсаство на премиерот Заев од државата, неговиот прв вице премиер, А. Груби ја примил претседателката и понудил помош во прикључувањето кон НАТО, со што непотребно го иритира без потреба Кремељ. А можеѓе да понуди помош и во борбата против корупцијата.

Шефот на ЕУ дипломатијата Ж.Борел на 18 мај ќе приреди вечера во Брислел за лидерите на државите од З. Балкан. Пак сме во цајтнот. Ќе немаме време да се подготвиме, пред бурата да го проголта бродот кој триесетина година плови кон Брисел. Не треба пофторно да импровизираме како глумците во комедиите дела арте.

 

11.05.21

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close