Толку сме, а колку сме?

„Македонија исчезнува – застрашувачки пад на бројот на живородени!“  „Македонија се иселува – фрапантно расте бројот на млади лица што заминуваат од земјата. „Само во периодот од 2010 до 2013 година се испразнил речиси еден град“.

Две децении вакви наслови го отсликуваат нашето секојдневие. Две децении оперираме со непотврдени податоци колку лица живеат овде и колку се иселиле, а кога ќе дојде ред да се зборува за избори или референдум, оперираме со податокот за население од последниот попис – во 2002 година.

Од една страна врескаме колку е важен пописот, од друга страна честопати помирливо го вртиме тривијалниот рефрен „колку сме, толку сме, токму сме“. Не знаеме ни колку сме, а уште помалку дали сме „токму“, зашто нема земја во светот, која толку долго не направила попис на сопствените ресурси.

Несфатливо е денес, во демократија и во своја држава, да ни е потешко да направиме попис, а да знаеме дека се спроведувал во многу потешки времиња и периоди. Првите документи што сведочат за парцијални форми попис на територијата на Македонија, датираат од 15 век. Поорганизирана форма пописот добил во 19 век, а првиот современ попис бил спроведен во 1921 година. По Втората светска војна, во Република Македонија биле спроведени осум пописи – во 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и во 2002 година. Бидејќи пописот во 1991 година бил со нецелосен опфат, спроведен е уште еден попис во истата декада – во 1994 година. Тој е всушност и првиот попис во Република Македонија по нејзиното осамостојување, а последен е пописот од 2002 година.

Не е проблем што постојано го дочекуваме 11 јули – Светскиот ден на населението, без валиден податок колкаво е нашето учество во него. Проблем е што без релевантни податоци не можеме ефикасно и темелно да си ги планираме домашните активности – од економски, преку политички, образовни и социјални, до истражувачки и развојни…

Не може да се рече дека досега никој сериозно не се загрижил за тоа, туку дека загриженоста не произведе навремен и соодветен одговор на потребите. Пописот во 2011 година почна, но беше прекинат, а образложенијата за тој дебакл останаа матни и недоречени, оставени со нив да се занимава Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Според она што во тој период се вртеше како расипана плоча, остана запаметено дека „не смеело да се дозволи операцијата да заврши со резултат што ќе биде нереален и нема да соодветствува со фактичката состојба“. А работите оделе во таа насока, бидејќи на терен се појавувале дилеми секој ден: дали методологијата е релевантна да го допрецизира на правилен начин тоа што го предвидува законот? Ваквите дилеми на теренот веќе предизвикале различна примена на законот и станале вовед кон нерелевантни резултати.

Целата колумна на Катерина Блажевска на „Призма“ на следниот линк.

Back to top button
Close