Триесеттина повредени во сообраќајна несреќа на автопат во Германија

Најмалку 34 лица, меѓу кои и неколку деца, се повредени во сообраќајна несреќа што синоќа се случи на на автопатот А9 во германската покраина Тирингија, откако возило за кампување удрило во колона формирана поради застој во сообраќајот.
Сите повредени се здобиле со лесни до средно тешки повреди и не се во животна опасност, наведоа надлежните.
Според полицијата, возачот на камперот во кој имало и две деца, не го забележал крајот на колоната и удрил во неколку автомобили. Во несреќата биле оштетени девет возила, меѓу кои и два минибуса во кои се превезувале 11 деца со посебни потреби и нивните придружници.
Автопатот во правец кон Берлин бил затворен пет и пол часа додека траела интервенцијата на итните служби и расчистувањето на местото на несреќата. Полицијата процени дека материјалната штета изнесува околу 350 илјади евра.
Застојот во сообраќајот бил предизвикан од претходна несреќа на спротивната коловозна лента, при која се превртела приколка за превоз на коњи. Поради таа несреќа автопатот бил привремено затворен во двата правци.






