Туфегџиќ: Да не биле Александар и Гоце, уште немаше да е познато што се случило со Вања
Адвокатот на таткото на Вања Ѓорчевска, Владимир Туфегџиќ тврди дека целиот случај е расветлен само поради ангажманот на сега обвинетиот татко и на неговиот кум Гоце Трајковски.
Тие двајцата на полицијата ѝ давале снимки и видео материјали од камерите, по свои приватни линии обезбедувале снимки од „сејф сити“ и ја завршиле работата што полицијата не ја завршила, смета Туфегџиќ. Ова доаѓа по денешното сведочење на екс началникот во СВР Скопје Музафер Каишиќ кој ги опишуваше и Ѓорчевски и Трајковски како „сомнителни“. За Каишиќ Ѓорчевски бил сомнителен затоа што бил вознемирен и постојано тврдел дека Вања е киднапирана и убиена, а кога се упатувале на локации да ја бараат, во Капиштец на пример – не ни излегувал од автомобилот и им велел дека го губат времето и треба да почнат да бараат мафијаши.
Адвокатот Туфегџиќ се спротистави на ваквото толкување на сведокот.
Ако не биле Александар и Гоце, ние денеска веројатно уште би претпоставувале што и како се случува со овие луѓе кои се воделе како исчезнати. И веројатно немаше уште да имаме епилог, особено поради наводите кои ги изнесе денеска сведокот што во тоа време бил на многу висока функција. Видовме и слушнавме дека тој лично и неговите служби немаат преземено ама апсолутно ништо во контекст на криминалистичка профилација. Напротив, тој чекал и стапил во контакт и имал постојан контакт и со Александар и со Гоце. Примал од нив записи. Од Гоце побарал да му обезбеди видео-запис. Сето тоа го навело да извлече заклучок дека само Александар му е сомнителен поради неговото чудно однесување. Токму овој сведок е тој што го довел Александар на обвинителна клупа без ниту еден аргумент и доказ. Наместо да го направи тоа за што бил платен од граѓаните. Била доведена во прашање и нашата безбедност. И само е добро, што тој повеќе од 3 месеци не ја раководи таа служба, рече Владимир Туфегџиќ, адвокат на Александар Ѓорчевски. (СП)
Фото: Република