Уапсен е таткото на убиецот од Младеновац

Уапсен е утрово Радиша Блажиќ (58), таткото на убиецот од Младеновац, тој се товари за кривично дело недозволено изработување, држење оружје и експлозивни направи.

Уапсен е за да се утврдат фактите, пишуваат српските медиуми.

Кај него, според информациите, биле пронајдени неколку стотини куршуми со различен калибар, рачно изработена направа, еден пиштол и еден револвер, како и неколку оптички нишани.

Блажиќ во полиција добил притвор во траење до 48 часа, по што ќе биде предаден на надлежното Обвинителство.

Радиша Блажиќ е поранешен припадник на војската на Србија. На неговиот син, кој е осомничен за осумкратно убиство, му е одредена мерка притвор до 30 дена.

21-годишниот Урош Блажиќ минатиот петок вооружен со автоматско оружје тргнал во крвава пресметка во која наизменично пукал во соседите кои ги затекнал во три села. Тој е уапсен во полициска акција, по 9-часовна потрага, кога бил пронајден во крагуевачкото село Вињиште.

На повеќе српски медиуми пред два дена споделена беше веста дека таткото на убиецот од Младеновац починал од срцев удар, но се испостави дека станува збор за лажна вест.

Back to top button
Close