Љубов

Вообичаено, во моите викенд колумни се осврнувам на теми кои го обликуваат нашето живеење, нашиот живот, маки, успеси, радости и таги. Со еден збор – теми суштествени за животот, постоењето и меѓучовечките односи. Зборот љубов е единствен според своите значења, и претставува симбиоза на сите наши дејствија, и интимно, но и како заедница – општествено. Љубовта можеби е најубавиот збор од пет букви кој го обликува нашето живеење. Љубовта е универзален двигател на севкупниот развој на човештвото. Формите преку кои се изразува љубовта се различни, меѓутоа имаат повеќе заеднички чинители, а тоа се радост, гордост, чувство на припадност, чувство на почит и респект кон сопствените корени, култура, традиција и секако најосновниот чинител, љубов кон својот животен сопатник и кон семејството.

Македонската јавност ме доживува како ктитор, заљубеник во македонската традиција и култура, хуманист, вљубеник во сопствената татковина, сопствениот народ и народите кои нѐ опкружуваат . Сметам дека со моето делување во Македонија и надвор од неа, успеав да го подигнам македонското чувство на гордост во моменти кои многу значеа за целото општество и каде се појави невидена ерупција на чувства и емоции, а тоа беше освојување на првата титула, Европски шампион во женски ракомет на Кометал-Ѓорче Петров во 2002 година. Поентата на моето потсетување не е да пишувам за себе и своите успеси, туку предизвикот за овој текст ми е токму неодамнешниот настан, во рамки на кој добив официјална благодарница за постоењето на женскиот хор Св. Злата Мегленска по повод 25 годишното успешно творење и збогатување на македонската култура не само во земјата туку и надвор. Сакам да направам равенство за придонесот кој ние граѓаните го даваме кон Македонија во различни области на нашето живеење. Женскиот хор Св.Злата Мегленска, предводена од нејзиниот основач и диригент Летка Димовска Полизова која плени со нејзината стручност и посветеност  е добитник на многу меѓународни награди и признанија кои Република Македонија ја издигаат на пиедестал како врвен негувач на хорското пеење во светот. Хорот Св.Злата Мегленска црпи инспирации во своите настапи од својата автентична култура, збогатена со модерниот пристап за нејзиното презентирање. Патиштата на мојот и развојот на Летка Димовска Полизова се различни. Финансиските ресурси за постигнување на овие успеси се исто така различни, меѓутоа заедничкиот именител ни е равенство, што значи афирмација на Македонија и македонскта култура на европско и светско ниво. За јавноста да знае за кого зборувам ќе споменам неколку датуми и факти кои недвосмислено овој хор го издигнуваат на пиедестал-амбасадор на Македонија во хорското пеење.

Додека бев градоначалник на Град Скопје во мојот мандат од 2005 до 2009 година се случи да прославиме 25 години од збратимувањето на градот Нирнберг, Германија со градот Скопје. Организиравме пригодна прослава во градот Нирнберг каде централно место беше да се прикаже нашето национално-културно богатство во хорското пеење. Господинот Градоначалник на Нирнберг, Мали и Градскиот совет на Градот Нирнберг, заедно со нивните сограѓани, нивното воодушевување од настапот на хорот Св. Злата Мегленска во најголемата Катедрала во Нирнберг и во Градската куќа, го ценеа како чин што во животот го немале доживеано. И денес кога ќе го споменам настапот на хорот Св. Злата Мегленска во катедралата во Нирнберг, ме облеваат силни емоции за настапот на овој хор кој пееше византиски црковни песни. Горд бев тогаш. Акустиката во катедралата и прекрасната изведба на овие песни беше врвна и не остави без зборови. Многу верници во катедралата кои во тие моменти се затекнаа, беа вчудоневидени од убавината на овие прекрасни женски хорски достигнувања.

За хорот Св.Злата Мегленска говорат многу признанија дообиени на меѓународни настапи и Олимпијади. Таксативно ќе ги наведам: во 2011 година во Грац, Австрија на меѓународен натпревар на хорови Св. Злата Мегленска добива прво место во категоријата на фолклорна и световна музика и второ место во светот во категорија црковна музика. Во 2014 година на Олимписките натпревари во Летонија, добива три олимписки медали од кои две златни и една сребрена. А во 2016 година на следната олимпијада во Сочи, прогласени се за Шампиони на Олимпијадата како победници во сите три категории освојувајќи три златни медали во категориите на световна, фолклорна и црковна музика.

Денешнава колумна ја посветувам токму на овој хор, а убеден сум дека имаме многу уметници кои делуваат на свтската сцена и ја промовираат македонската култура, традиција и наследство, меѓутоа се маргинализирани во нашето општество.

Св.Злата Мегленска е уникатен женски хор преку кој до израз доаѓа љубовта на Госпоѓата Летка Димовска Полизова, диригент, единствена жена диригент во хорско пеење, која несебично се внесе во нашата автентична музика за нејзина промоција надвор од границите на нашата татковина, додавајќи  светски атрибути за модерно прифаќање.

Го поставувам прашањето пред вас, а се прашувам и себеси, дали хорот Св.Злата Мегленска и сите хористки кои биле дел овие 25 години, заедно со нејзиниот основач и диригент Летка Димовска Полизова го добија заслуженото признание од нашата држава? Жал ми е што морам да констатирам дека нашево општество нема систем на вреднување за придонесите на поединци и групи кон афирмација на она што во основа сме.

Зошто нашата љубов кон татковината, мојата на Летка и многумина како нас е ставена на маргините на нашево општество. Вредносен систем мора да постои во секое општество кое претендира да биде изградено на цврсти темели. Темелите на секое општество се токму луѓе со знаење и искуство кои умеат да се вклопат и промовираат вредности кои ги бара модерното општество.

Почитувани пријатели, негувајте ја љубовта и негувајте ги вљубениците кои давале, даваат и ќе даваат за нашата афирмација во светот. Токму ваквите луѓе треба да бидат корените на кои што ќе се темели нашиот натамошен развој, а верувајте не има многу.

 

Back to top button
Close