Љупчо Георгиевски со 5 точки како да се подобрат односите помеѓу С Македонија и Бугарија

Поранешниот премиер, Љупчо Георгиевски, преку социјалните мрежи оценува дека македонското-бугарските односи се движат кон нов ќорсокак и кон нова ескалација на сите нивоа. Тоа според него, може да доведе до долгогодишна омраза помеѓу двата народа и затоа дава предлог-акциски план како да се излезе од оваа ситуација.

Неговиот предлог, кој вели има само политичко-дипломатски карактер, е составен од пет точки во кој првата е Северна Македонија да даде гаранција дека нема никаква аспирација за Источна односно Пиринска Македонија и дека во поимот „Северна Македонија“ не влегува „Источна Македонија“.

Следно, предлага, уште една гаранција од Северна Македонија, а тоа е дека како држава со ништо нема да ги помага и поддржува организациите кои бараат македонско малцинство во Бугарија.

Српски начин на решавање на проблемите за јазикот и нацијата

Трета точка во неговиот предлог е бугарскиот парламент да донесе декларација во која ќе изјави дека под поимот македонска нација и македонски јазик подразбира само нација и јазик кои се формирани после 1944 и дека Бугарија со ништо не ги прифаќа тезите за кои смета дека се фалсификат и ја поддржува бугарска историографија во одбрана на својата вистина.

Георгиевски вели дека ваквата стратегија е истата која ја применува Србија во решавање на ваквите проблеми.

„Имено Србија го има истиот проблем со хрватскиот јазик, со босанските и црногорските нација и јазик, па дури и со македонската нација и јазик. Но, Србија политички ги има признаено сите четири нации и јазици дури и на својата територија. Ама српската наука историографија и лингвистика не го признава тој факт и секојдневно се бори со аргументи. Истата приказна е и со Македонија. Политиката максимално ја дава поддршката за македонска нација и јазик ама секоја година се печатат книги за Македонија како стара Србија, како ја ослободиле Македонија во балканските војни, книги за српски манастири и цркви од време на средновековието …“,

пишува експремиерот.
Промена на стратегијата за историјата и конечно решавање на проблемот со јазикот

Четвртата точка во предлогот на Георгиевски се однесува на заедничката историска комисија, за која тој смета, дека треба да ја смени стратегијата односно да се објават петте личности за кои досега се усогласени ставовите. Исто така, предлага и за Гоце Делчев да се објави дека тој е општ и заеднички, без многу детали, како и за Глигор Прличев. Понатаму наведува дека треба и без многу објаснувања и навлегување во детали, комисијата да усогласи уште 10-15 историски настани и тие да продолжат да се слават заедно.

Неговиот предлог продолжува со тоа Бугарија итно да направи список на места од македонските учебници кои ги смета за навредливи и истите да се избришат без да се чека општа дискусија.

„Да се направи нова специјална комисија која ќе работи под најбрза постапка за прогонот и убиствата на Македонци со бугарска национална свест. Според бугарски извори 30 000 убиени и 120 000 малтретирани. Лично сметам дека тука некој лошо ја подводи бугарска јавност. Но и 1 200 да се демократија треба да објави на виделина. Македонската страна да се задолжи во сите историски книги, независно од државен или приватен издавач, точна да го дава преводот посебно каде писателите пишувале Македонци или Бугари. Секој фалсификат да биде финансиски санкциониран. Македонската историографија да ги коригира и да ги даде вистинските имиња на институциите, на пример Народна Федеративна Партија?“,

пишува Георгиевски.
Понатаму, тој предлага да се пополнат биографиите на важните личности како што Гоце Делчев, Даме Груев и Ѓорче Петров кои биле учители на бугарската егзархија, што според него, не е мала работа која се крие.

На крајот во точката за историските прашања, тој дава и предлог со кој смета дека конечно може да се затвори проблемот со јазикот.

„Македонската страна да признае дека целата македонска преродба се обидувала да создаде заеднички јазик со бугарскиот, но врз база на македонските дијалекти. Меѓутоа, бугарската интелигенција поради кратковидост кодифицирала јазик само врз база на северозападните дијалекти со што го отвориле патот на македонскиот јазичен сепаратизам, а на српските лингвисти дале основа дека и шопските говори во Бугарија се српски јазик. Да признае дека официјално писмо и јазик на сите македонски организации во османлискиот период бил бугарскиот јазик и писмо, што се лесно проверливи факти. А, бугарската страна да прифати дека тоа е добар приод да се затвори јазичното прашање“,

пишува Георгиевски за јазикот.
Пругата под концесија

Последната, петта, точка од предлогот на експремиерот за подобрување на односите се однесува на инфраструктурните прашања. Според него, македонската страна треба да ја даде под концесија железничката пруга на бугарските железници и со пресметан екстра профит да ја доградат.

Бугарија, пак, вели тој, конечно од своја страна да ги изгради патиштата за граничниот премин „Клепало“, за кој 20 години има и пат и гранична зграда, како и преминот „Црна Скала“ помеѓу Делчево и Ќустендил каде патот беше изграден, но сега веќе е руиниран.

Кога се во прашање граничните премини, македонската страна, предлага Георгиевски, како поклон на Бугарија да ѝ изгради втора лента на преминот Делчево-Благоевград каде на секој празник граѓаните чекаат со саати.

Back to top button
Close