Васев: Тој кој напиша дека се давало физиолошка терапија место лек треба да докаже и да поднесе одговорност
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев денеска пред членовите на собраниската Анкетна комисија рече дека биле земани лекови на реверс со цел да не им се прекине терапијата на пациентите.
„Главната намена на реверсот беше да не се прекине биолошката терапија која почнаа да ја земаат пациентите. Значи тендерската постапка за тие лекови веќе беше почната, не е земен реверс без постапка. Постапката беше почната, два три месеци задоцни. Ние не смеевме да го загрозиме животот на пациентите кои веќе почнаа да ја примаат терапијата. Тие лекови значеа живот за нив… Тука се кршат Хипократовата заклетва заедно со заклетва за правна одговорност на Институтот. Не сме земале столици и градежен материјал, сме земале лекови од една фирма“, истакна Васев.
Васев, кој беше директор на оваа Клиника од 21 јуни 2017 година до 2 ноември минатата година, рече дека никогаш не му била намерата да креира хаос и дека функцијата директор ја прифатил по долго убедување од министерот за здравство.
Прашан дали во негово време имало информации за лечење со физиолошки раствор и информации за можно продавање терапии и лекови, Васев рече дека тоа што го имале како информации, го пријавиле.
„Да се даде физиолошка терапија место лек … Тој кој го напиша тоа, треба да го докаже и да поднесе одговорност, доколку не е така“, рече Васев.
Прашан за тоа кои биле двата пријавени случаи, Васев појасни оти едниот го пријавил самиот, а другиот заедно со економскиот директор.
„Имавме случај, мислам во 2019 година, кражба во дневна болница, кај мене ја пријавија три сестри. Со главната сестра викнавме служби, беше фатено лицето со лекови на излегување по завршување на смена. Случајот по шест месеци, бидејќи не влезе во процедура, лицето беше вратено на работа, но, не беше ставено во дневна болница. Беше ставено да работи на одделение без можност да дојде во контакт со лекови. Истото лице, оваа година, го повтори делото со новото раководство и е отстрането од работа“, посочи Васев.
Прашан за стручниот колегиум, тој одговори дека веќе 10 години во институцијата не се одржува.
„Морам да признаам, неуспех ми е што не успеав да ги соберам колегите на едно место, да можат барем еднаш неделно да седнат заедно. Но, тој се одржува постојано кога треба да се прават листи на лекови, рече Васев.
Тој зборуваше и околу исклучувањето на КАТО системот. Според него, идејата за купување не била лоша, но, системот од самиот почеток покажувал знаци на слабост.
На прашањето дали чувствува морална одговорност за тоа што се случувало на Онкологија додека бил медицински директор, Васев рече дека не чувствува морална одговорност.
Одлуката за формирање Анкетна комисија беше донесена на 20 септември, откако по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на оваа Клиника, Јавното обвинителство отвори предистражна постапка. Наводите за злоупотреба на лекови на клиниката, предизвикаа реакции во јавноста и низа протести.