Васовски: Ова е шанса на оваа генерација


Фудбалерите на Силекс утре вечер во 20 часот го играат реванш дуелот од првото квалификациско коло од УЕФА Конференциската лига против лидерот во шампионатот на Белорусија Динамо Минск. По првиот дуел Силекс има предност од 1:0, откако победија на натпреварот одигран во Стара Загора (неутрален терен).

– Ова шанса на оваа генерација, која ланската сезона го освои Купот на Македонија, а претходната ја завршивме како вицешампиони. Сега ни треба резултат и да не изгубиме. Имаме респект кон противникот. Погубно ќе биде за нас ако се браниме, а ако имаме шанса добро е и да постигнеме гол. Противникот е во предност дека е во натпреварувачки ритам и имаат одиграно 15 натпревари во нивната лига каде се и на првото место. Што се однесува до првиот натпревар можеби и не потценија, инаку ова е екипа која знае да игра многу добро и на гостински терен. Ќе повторам уште еднаш дека и лани одигравме добро во еврокуповите, а некогаш за да се мине противникот потребно е и да имате среќа, изјави тренерот на Силекс Александар Васовски.

Добар натпревар очекува и капитенот на кратовчани и македонски репрезентативец Дарко Анѓелески, кој истакна:

– Очекувам добар натпревар, предноста на противникот е само тоа што се во натпреварувачки ритам , но наша цел е да се пласираме во следното коло и да го потврдиме добриот резултат од првиот натпревар. Убаво е што ќе бидат и трибините полни, а се надеваме и на добра атмосфера.

Натпреварот Силекс – Динамо Минск се игра утревечер со почеток во 20 часот на комплексот терени на ФФМ.

Back to top button
Close