(ВИДЕО) Предизборна поддршка од хрватскиот претседател Милановиќ за Пендаровски: На Македонија и треба претседател како Стево

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, преку видео-порака објавена на социјалната мрежа Икс, повикува македонските граѓани на изборите на 8 мај да гласаат за актуелниот претседател на државата и кандидат за втор мандат Стево Пендаровски.

Милановиќ, обраќајќи им се на македонските граѓани, вели „на 8 мај повторно излегувате на гласање за да одлучите кој ќе биде претседател на вашата држава во вториот круг на претседателските избори“. Вашиот избор, додава тој, ќе го одреди правецот во кој, во иднина, ќе оди Македонија, мене драга и пријателска земја.

„На Македонија и треба претседател кој ќе биде гласот на сите граѓани, а тоа значи дека ќе биде заштитник на нивните права и ќе биде бранител на државните интереси. Тоа воопшто не е едноставна ниту лесна задача, но уверен сум дека Македонија има човек за таа тешка задача. Тоа е вашиот претседател и мојот пријател Стево. Стево и јас, во изминатите години, многу пати сме се виделе и сме разговарале, тој како македонски, а јас како хрватски претседател“,додава Милановиќ.

Хрватскиот претседател вели дека на средбите што ги имал со Пендаровски и во разговорите со него, видел „дека Стево најмногу се грижи да ја внесе Македонија во ЕУ, а на нејзините граѓани да им осигура подобар живот’.

За жал, додава Милановиќ, Европската Унија и некои од вашите соседи, и покрај декларативните желби, не беше секогаш праведна кон Македонија.

„А вие направивте многу, а добивте многу помалку од тоа што заслужувате. Но, она што е најважно, знам колку силно, често и во многу тешки услови, Стево се бореше за вашите интереси. Знам дека никогаш не ги ставаше личните интереси пред националните и дека е човек кому можете да му верувате“додава тој.

На 8 мај, како што вели Милановиќ, народот одлучува дали Македонија, и во следните пет години, ќе ја води таков човек.

„Стево ја заслужува вашата доверба, а на Македонија и треба и заслужува претседател како Стево Пендаровски. Затоа ве повикувам, да излезете на изборите на 8 мај . Да живее Македонија, да живее хрватско-македонското пријателство“,вели Милановиќ на крајот од пораката.

 

Back to top button
Close