(ВИДЕО) Силен дожд, ветер и град во делови од Скопје – улиците претворени во реки

Силен ветер, грмотевици, дожд и град попладнево зафати делови од Скопје. Од силното невреме повеќето улици во делови од населбите Карпош, Радишани, Чаир и Шуто Оризари се под вода. На социјалните мрежи се поставуваат видеа од поплавени подруми и гаражи, паднати дрвја и блокирани возила.

Повеќе граѓани на Фејсбук објавуваат дека и во населбата Волково имало невреме. Според пишувањата градот ги има побелено улиците и дворовите, а од силниот ветер се вели дека има и скршени дрвја, летнати покриви, искршени фотоволтаици.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека како резултат на попладневното силно невреме во Скопската Котлина биле добиени пријави за повеќе настанати штети.

„Преку единствениот број за итни повици 112 добиени се пријави и известувања за паднати и навалени дрва, како и скршени гранки, скинати проводници, навалени бандери и други проблеми со електрични, интернет и телефонски кабли“,велат од ЦУК.

Исто така, додаваат оттаму, имало пријави и за поплавени куќи, подрумски простории, гаражи и улици. Во делови од градот имало и проблеми во снабдувањето со електрична енергија, оштетени покриви, скршени стакла и откачени лимови и олуци од куќи и згради.

Како резултат на невремето, од ЦУК, велат дека имало и оштетени патнички моторни возила, паднати огради и блокирани улици.

Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информираат дека нестабилната воздушна маса во Скопје доаѓа од запад и северозапад.

Оттаму додаваат дека нестабилната облачна маса се преместува во правец кон Куманово каде исто така се очекуваат процеси во форма на невреме.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека освен делови од Скопје, попладнево интензивен пороен дожд и грмежи имало и во подрачјето на Тетово.

„Поголема нестабилност има во источниот дел на Пелагонија и делови од Мариово. Правецот на движење е кон североисток“,информираа од ЦУК.

Силно невреме и вчера го погоди Тетовскиот Регион, а потоа Скопско и Кумановско. Во невремето имаше поплавени подруми, дворови, куќи и објекти, како и паднати дрва и бандери, откачени лимови и олуци, но и оштетени покриви и автомобили .

Back to top button
Close