Видео: Започнаа работите на автопатот Гостивар Букојчани на Коридорот 8.
Со минирање на теренот во близина на стариот рудник во атарот на гостиварското село Горна Бањица денеска стартуваа градежните работи на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за пробивање на трасата на автопатот Гостивар-Букојчани. Оваа делница од Коридор 8 има должина од 30 километри и автопатски треба да ги поврзе Гостивар и Кичево.
Почетокот на работите беше означен со пригоден настан, на кој освен првиот вицепремиер и координатор на активностите за изградба на коридорите 8 и 10д Артан Груби, беа и министерот за транспорт, врски Благој Бочварски и амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
Според вицепремиерот Груби, овој настан претставува остварување на дадените ветувања пред јавноста и прв им честиташе на ЈПДП и на „Бехтел и Енка“. Тој појасни и како ќе се одвиваат натамошните работи на ридот над селото Горна Бањица и на делницата од автопатот Тетово-Гостивар
– Материјалот којшто ќе биде обезбеден од минирањето на оваа планина ќе биде искористен исто така за изградбата на автопатот Тетово – Гостивар, како и на помошниот магистрален пат странично на Тетово накај Гостивар. Коридор 8 и Коридор 10д ќе се изградат во рекордно време и најквалитетен начин, рече Груби.
Тој упати апел до граѓаните да се пријават за вработување, бидејќи, како што кажа, на Конзорциумот Бехтел и Енка му се потребни околу 2.000 работници.
– Досега избиравме и проектанти. Веќе имаме елаборати, истражувања, имаме одобрение за пристапните патишта до главната траса, како што е ова денеска, изјави Груби.
На новинарско прашање околу почетокот на поинтензивни работи на терен и како ќе се одвиваат, директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми, напомена дека изградбата започнала со потпишување на договорот. Тој потврди дека од почетокот на работите со обврските од договорот исплатени се две транши со вредност од над 170 милиони евра.
Амбасадорката Анџела Агелер искажа задоволство во име на Амбасадата на САД, владата на САД и бизнис секторот на САД од почетокот на изградбата на автопатската делница и, како што нагласи, таа е воодушевена од изборот на Бехтел.
– Бехтел, е американска компанија од светска класа, која работи на овие патишта за што мислам дека ќе бидат навистина големо достигнување за луѓето на оваа земја. Сите ние минавме низ овој мал кривулест пат за да стигнеме до тука и лично одвај чекам и верувам како многу граѓани на оваа земја, да имаме нов, убав, широк пат по кој ќе може да се вози и благодарна сум што работите се придвижија. Одвај чекам да ги видам резултатите, рече амбасадорката Агелер.
Одговорниот од „Бехтел и Енка“, Џошуа Бејкер во одговорите на прашањата на новинарите за динамиката на работите и бројот на компаниите кои ќе бидат ангажирани како подизведувачи, напомена дека ги следат меѓународните стандарди за ангажирање подизведувачи и дека ги ревидираат и избираат најдобрите.
– Почнуваме со 300 вработени, во моментов, а ќе ни требаат повеќе од 2.000 луѓе до средината на следната година. Тие треба да аплицираа на нашата веб страна, во делот на човечки ресурси. Досега имаме 37 подизведувачи, 36 од нив се македонски компании, ќе има уште повеќе, како што ќе напредуваме.Навистина се радуваме што ќе можеме да работиме со локалните подизведувачи, рече Бејкер.
На новинарско прашање дали меѓу ангажираните фирми е „Еуровиа“ фирма е во фокусот на јавноста и неодамна беше поврзана дека незаконски донирала средства во владеачката ДУИ, Бејкер го избегна одговорот, а вицепремиерот се огради околу евентуалниот избор, бидејќи како што рече, тоа е обврска и одговорност на конзорциумот, напоменувајќи дека Владата нема право и ниту сака да се меша во нивната работа. И тој не одговори дали таа фирма е меѓу избраните.