“Вистинскиот” Караваџо оди на изложба во Мадрид

Ecce Homo, кој го прикажува римскиот гувернер Понтиј Пилат додека го претставува Христос пред народот, е едно од околу 60-те познати дела на италијанскиот мајстор – кое досега не го привлече вниманието на поширокиот уметнички свет бидејќи првично му беше припишано на помал уметник. Во 2021 година беше повлечено од продажба по налог на шпанската влада, неколку часа пред да се најде на аукција по почетна цена од 1.500 евра. Сега, три години по таа интервенција, делото се изложува за прв пат откако е потврдено дека е оригинал.

Прадо излезе со соопштение дека сликата е „несомнено ремек-дело на Караваџо“, нарекувајќи ја „едно од најголемите откритија во историјата на уметноста“.

Караваџо, кој починал во 1610 година на 38-годишна возраст, бил познат по неговата драматична комбинација на светлина и сенка за да внесе длабок психолошки реализам во често насилните сцени што ги прикажувал. Историчарите на уметност ја опишауваат неговата работа како почеток на модерното сликарство. Се верува дека Ecce Homo било дел од приватната колекција на шпанскиот крал Филип IV, пред да биде изложено во домот на неговиот син Чарлс II.

Повторно се појавува во Мадрид во април 2021 година, кога беше опишано како дело на уметник кој припаѓал на школата на шпанскиот сликар од 17 век Хозе де Рибера.

Но, откако експертите од Прадо изнеле сомнежи за вистинското авторство на сликата, шпанското Министерство за култура ја блокира нејзината продажба.

Сликата ќе биде изложена до октомври на специјална еднократна изложба по договорот со новиот сопственик, за кој се верува дека е британски државјанин кој живее во Шпанија. Потоа, платното ќе се пресели во постојаната колекција на Прада уште четири месеци.

Според пишувањата на шпанските медиуми, сликата била претходно продадена за 36 милиони евра. Хорхе Кол, од лондонската уметничка галерија Колнаги, која се занимава со продажбата, изјави за весникот Ел Паис дека сликата ќе остане позајмена на јавните колекции, наместо да заврши во домот на сопственикот.

 

Извор: BBC

Фото: Гардијан

превод: Лени Фрчкоска

Back to top button
Close