Во Париз, повторно, без нас ќе се решава за нас

Според информациите од бугарските медиуми – бидејќи македонските квалификувани извори по таа тема си молчат како мачорот да им го изел јазикот – францускиот претседател Емануел Макрон деновиве ќе ги повика (ако е тој глагол вистинскиот опис на најавената иницијатива) господата Петков и Радев во Париз за да им презентира (и овој глагол којзнае што точно опишува) предлог за укинување на ветото на Софија за започнување на преговорите на Македонија (и Албанија) со Европската Унија. Агенцијата БГНЕС, којашто ја објави веста од бугарски извори, уште и објави дека Софија, наводно, во најавата за поканата добила ветување од Париз дека „сите бугарски барања ќе бидат вклучени во преговарачката рамка за Северна Македонија и дека нивното спроведување ќе го гарантира лично Макрон”.

Не е прв пат бугарските „извори“ да лажат за тоа што велат или ветуваат нивните сојузници во Унијата околу решавањето на фрустрациите што ги имаат Бугарите поради кои го блокираа нашиот евро-интегративен прогрес. Ама, па, кога е Франција и односот кон Македонија во прашање, ги имаме сите причини превентивно да „дуваме на маштеница“, бидејќи од богатиот каталог на сите европски дволичности на кои сме биле изложени во децениите зад нас (да не одиме подалеку во историјата), Франција била еден од највалканите играчи кон нас. Впрочем, „корените на злото“ за сегашната катастрофална бугарска политика за Македонија се комотно ситуирани токму во претходното „вето“ на самиот Макрон кога, ономад, ЕУ реши да ја менува „методологијата“ за проширувањето на Унијата. Од тогаш наваму, вестите се само од лоши – полоши. Принципи – „нула“; интереси – „сто“. Резултатот е 100:0 за нив.

Ако се точни некои проценки, регресивните (мнозински) политички сили во Бугарија веќе се влезени во сценаријата според кои се надеваат на темелна, општа, внатрешна дестабилизација на Македонија во која ја гледаат шансата за понатамошно авансирање на својата антимакедонска агенда. Франција тоа би морала да го знае. Затоа е оваа иницијатива на Макрон, за нас, како одење по острицата на „ножот“ на нашата стабилност.

Од друга страна, на Макрон во јуни му завршува францускиот мандат на претседавањето со Унијата, а на 12 (прв круг) и на 19 јуни (втор круг) Франција излегува на парламентарни избори. Според мајските мерења на рејтинзите (на интернет може да се најдат десетина споредбени истражувања на сегашното француско јавно мислење) меѓу 577 членови на новиот, 16-ти состав на француската Национална асамблеја во Петтата Француска Република, заедничката граѓанска коалицијата што ја предводи Макроновата „Република во движење“, според бруталниот мнозински изборен модел, се надева да освои убедливо мнозинство во тамошниот Парламент.

Зборот ми е, нема Макрон никакво домашно „аџале“ – да не кажам притисок – во врска со проширувањето на Унијата, бидејќи таа тема не се ни спомнува на француските парламентарни избори, а и ако ја има се појавува само маргинално, во контекст на наглите украински евро-амбиции. Што значи дека и оваа „бугарска“ иницијатива на Макрон, ако се испостави дека веста за неа е точна, не е резултат на никаков „национален интерес“ на Франција, туку е повеќе прашање на претседателовата општа државничка суета, отколку на реална политичка потреба за продуктивна грижа кон Западниот Балкан. Француските претседатели, по правило, имаат „надуени“ суети поголеми од делотворноста на нивната реална меѓународна моќ, но за повремено правење штета се мајстори на занаетот. И секогаш со одбрани зборови, со тапкање по рамо и со пораки за поддршка. Вив ла Франс!

Според тоа, во Париз (повторно?), макар и „транзиторно“, ќе ни се решава судбината, без нас на масата. Секакви глупости се можни, со проблематични последици по нашите државни прозападни перспективи, за чија вистинска содржина некои идни генерации евентуално ќе читаат во анегдоталните мемоари на сојузниците кои ќе седат околу масата во Елисејската Палата. Реално е да се очекува дека резултатот ќе биде неповолен за нас, прашање е само колку ќе нѐ здоболи и во која боја ќе биде „целофанот“ во кој ќе биде спакуван тој париски француско-бугарски договор.

Kолумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close