Во подрумите на Белата палата се договарале емисии за анализирање на анкети од ИПИС, велат од СДСМ

СДСМ бара да има одговорност за скандалот со лажните анкети објавени на Националната телевизија МТВ, а нарачани од штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, постојат основани сомневања за бројни злоупотреби кои треба да ги истражат надлежни институции.

-Разоткриена е цела една шема, оперативен план подготвен од Републичкиот изборен штаб на ДПМНЕ, по насока на Извршниот комитет на партијата на седница одржана на 05.12.2023 година. Шема за пласирање лажни анкети за рејтинзите на партиите и за политичарите, а објавени на МТВ, за пласирање лажни вести, но и други активности, потенцираат од СДСМ.

Како што посочуваат оттаму, во подрумите на Белата палата се договарале емисии за анализирање на анкети од ИПИС, се дефинирал составот на гостите на емисијата со 3 опозициски аналитичари дури имало и одговорен за ширење лажни вести преку т.н. „дувла“.

Откако Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС), кој во соработка со МРТ изминатиов период спроведе серија испитувања на јавното мислење во пресрет на двојните избори, вчера најави дека ќе поднесе тужби по обвинувањата кои ги изнесе СДСМ оти анкетите биле лажни и по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ, се огласи и политичкиот аналитичар Петар Арсовски, чија агенција во соопштението на Македонската радио-телевизија (МРТ) е посочена како една од ангажираните за спроведување анкети за јавното мислење. Арсовски вели дека тој и неговата агенција „Креатиф“ не се вклучени во спроведувањето на анкетите и во изведувањето на заклучоците од истражувањата, туку само во делот на анализа и коментар на податоците, односно бројките што ги подготвиле во ИПИС.

Во документот кој го објави СДСМ има и графа „ПР-медиуми“, при што е наведено месечно објавување на анкети, лажни вести, теренски активности, при што за анкетите во графата реализација е навeден Владимир Божиновски, а за креирање лажните вести, Коче Гаврилов.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека документот кој го објави СДСМ е фалсификат и најавија тужба за клевета.

Back to top button
Close