За успешна лидерска средба потребни се лидери

И уставни промени и одредување на датум за предвремени парламентарни избори и уште нешто многу поважно е компромисот кој можат да го донесат само вистински политички лидери. Пишува Ерол Ризаов

 

Вистински политички лидери, кои јавно се декларираат дека најголемиот стратегиски државен и национален интeрес е членството во ЕУ, не би требало да имаат голем проблем да донесат компромисно решение. И уставни промени и одредување на датум за предвремени парламентарни избори и уште нешто многу поважно, што и како понатаму, е компромисот кој можат да го донесат само одговорни политичари, кои не се заробеници на своите тврди ставови и на амбиентот на поделено општетсво што го создале.

Зошто тогаш сите лидерски средби, преговори и договори меѓу власта и опозицијата во Македонија, без оглед кој е на власт, а кој во опозиција, на крај завршуваат, во најголем број случаи, неуспешно, па дури и тие кои завршиле успешно имаат дебели лузни и со нив сѐ уште се манипулира во јавноста како предавство на националните и државни интереси? Земете ги за пример сите досегашни уставни промени, од донесувањето на првиот устав и првиот референдум за прогласување на независност на државата, Охридскиот, Преспанскиот, Пржинскиот договор, вклучувајќи го и договорот за Специјалното јавно обвинителство. Тука можат да се вбројат и договорите за првата експертска влада и договорот за коалициска влада за време на воената криза 2001 година, многубројните догoвори меѓу политичките партии и нивните лидери.

Најверојатно најлошото решение 

Воопшто не е тешко да се предвиди што ќе се случува и на престојната лидерска средба, бидејќи исходот кој е најверојатен е дека ќе биде избрано најлошото решение, а тоа е да нема договор. Со ултиматуми не се оди на преговори, ако веќе однапред јавно соопштувате дека нема да има уставни промени и ќе нема предвремени парламентарни избори, што е и главниот предмет – да се најде компромисно решение за остварување на најзначајниот стратегиски државен интерес, а тоа е продолжување на преговорите со ЕУ, непопречувани, барем не од наша страна.

Кој што добива и губи ако на лидерската средба се постигне компромисно решение да се договорат уставни промени и предвремени парламентарни избори? Лично мислам дека покрај Македонија и нејзините граѓани, најголем добитник би бил Христијан Мицкоски, а еве и зошто: Ова е единствена шанса на ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи кон eвроатланските интеграции за кои Мицкоски и партискиот врв тврдат дека им се цврста определба уште пред распадот на Југославија и формирањето на независна држава.

Тоа првиот претседател и основач на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски го документира во сите свои јавни настапи и со партиските програми. Досегашните политички активности на овој план на ВМРО-ДПМНЕ, за разлика од основачките определби, се со трагични резулати и целосно неуспешни за време на целиот 11-годишен мандат на Никола Груевски, кога не е направен ниту еден чекор напред. Целата таа режимска ера на груевизмот, која како главна одлика ја има и блокадата на евроатланските интеграции, продолжи и во периодот на опозициското делување на ВМРО-ДПМНЕ.

Тесниот партиски врв, а како најжесток  поборник – претседателот Христијан Мицкоски – својата битка за освојување на власта главно ја насочи против компромисите кои овозможија членство во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ. Тоа што беше пропагирано како голема опасност и предавство со Преспанскиот договор и што изгледаше како цврста одбрана на идентитетските посебности на македонскиот народ и што предизвика поделба на општеството со пребројување на непријатели и предавници на националните и државни интереси, и што се чинеше како голема партиска придобивка и поддршка во јавноста, како што одминува времето се покажа како катастрофално погрешна проценка.

Историјата ќе ги смести сите каде што припаѓаат 

Сите тие стравувања се распаднаа како меури од сапуница во практиката, бидејќи Македонија со компромисите не изгуби ниту една идентитетска посебност. Остана единствена држава во светот што го носи името Македонија, без никаква загрoза на националниот идентиет и на македонскиот јазик со географската додавка северна.

На давеникот, сламката за спасување му дојде од компромисите со Договорот за добрососедство со Бугарија и тврдиот бугарски став, еднакво лош како грчкиот во почетокот на евроатлантските аспирации на Македонија, кога во Солун протестираа милион луѓе да не се признае државата со името Македонија и македонскиот народ и јазик.

Меѓутоа, тврдото бугарско вето падна по францускиот предлог кое повеќе оди во прилог на Македонија, отколку на Бугарија со што се означи почетокот на преговорите со ЕУ. И големите промени во Европа и во светот по војната во Украина повторно навестуваат дека тоа што се случи со Преспанскиот договор ќе се случи и со Договорот со Бугарија, кога на двете страни ќе дојдат влади кои не се инцидент на историјата. Таков беше случајот со владите на Алексис Ципрас и Зоран Заев и како што е тоа сега со случај и со владите на Кирјакос Мицотакис и Димитар Ковачевски. Тоа се историски неминовности.

Конечно, ако не се донесат уставните промени и Бугарите не влезат во Уставот, а Мицкоски победи на следните парламентарни избори, кога и да се одржат, што ќе прави со таа победа ако мора да донесува уште понеповолни одлуки кои се веќе добро познати искуства по секое одлагање на дадените шанси?

Во ВМРО-ДПМНЕ не се се зема предвид ситацијата дека ако се изгубат сегашните позиции и се наметнат понеповолни предлози и идната опозиција може во тој случај да биде против уставните промени. Политички лидер во опозиција, кој не препушта власта да ги донесе непопуларните и тешки одлуки, треба да си замине од партијата и од политиката. Од тоа полоша за Мицкоски е опцијата на која исто така треба да се смета – дека може да се случи како и при усвојувањето на Преспанскиот договор, кога пратеници на ВМРО-ДПМНЕ го дадоа својот глас за уставни промени за да се добие двотретинско мнозинство.

Што добива и губи актуелната владина коалиција и премиерот Димитар Ковачевски ако се прифатат предвремени парламентарни избори како отстапка за уставните промени? Да, можно е да ги изгубат изборите, но тоа би била најмалата загуба во споредба со тоа што ќе добие Македонија и нејзините граѓани. Пресметките кажуваат дека собраниските процедури за уставни промени ќе траат во најдобар случај пет месеци. Колку што ќе трае првата фаза од преговорите со ЕУ. Потоа периодот до избори со предизборните активности сигурно ќе одземат уште три месеци. Дали изборите ќе се одржат во, април, мај или јуни наредната година, која редовно е изборна, ќе нема големо значење.

Она што треба да биде најважно ако дојде до договор на лидерска средба за уставни промени и за предвремени парламентарни избори на иста собраниска седница, а за кое сега најмалку се зборува, е што после тоа. На Македонија ѝ е неопходен широк меѓупартиски консензус во наредните седум до десет години за сите реформски зафати кои произлегуваат од бриселските поглавја. Поточно, ѝ треба тоа што го направија во време на преговорите сите успешни држави кандидати за членство во ЕУ. Од тоа ќе зависи не само датумот за членството во ЕУ, туку дали Македонија ќе стане вистинска парламентарна држава во која демократијата, владеењето на правото, правосудниот систем, економскиот раст, стандардот на населението, образованието, културата, здравството, екологијата, земјоделството, медиумите и сѐ она што се нарекува европски вредности, ќе бидат реалност. Тоа сегашните политички лидери, доколку се навистина тоа, им го должат на идните генерации. Лидерството се стекнува со храбри одлуки кои речиси секогаш се непопуларни во актуелниот миг кога се носат. Современата историја ќе ги смести сите актери таму кај што им припаѓа местото. Татковината, кога-тогаш, ќе ги препознае вистинските луѓе.

Back to top button
Close