Засега нема нова распределба на пратениците, вели Гаши

Засега во Собранието, состојбата е статус-кво во однос на нова распределба на пратениците. Се е како што било претходно. Сите пратенички групи продолжуваат да работат. Ако има нови промени, ќе треба тоа да го достават до мене и службите, за да ги информирам другите пратеници. Моментално немаме друга ситуација, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши околу евентуални промени во бројката на пратенички групи и префрлување на пратеници од еден во друг табор. Ова следува откако неизвесно е учеството на пратениците од едното крило на Алијанса на Албанците во заедничката коалиција ВЛЕН.

Според спикерот, парламентарната дипломатија е врвен приоритет за него и сака да ја развиеме како држава.

-Јас имав среќа да реализирам историски средби во Берлин, Париз, Стокхолм, Брисел и во ЕП и во седиштето на НАТО. По настаните во Украина и изборите во САД, има нов политички контекст за зголемена волја за нашата држава да го забрза евроинтегративниот процес. Работиме на сите нивоа и ги користам сите алатки и можности за развивање на оваа парламентарна дипломатија. Работиме најмногу за објаснување на пречките околу уставните измени. Имаме многу пријатели и сакаат да ни помогнат. Се надевам дека конечно ќе успееме да ја надминеме пречката, кажа Гаши во изјава за медиумите пред денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.

Back to top button
Close