Завршница

Спорот помеѓу Македонија и Бугарија влегува во завршница, односно, драмски речено, кон кулминација.  Зависно од тоа како ќе се одвиваат различните политички тактики во наредните два месеци, ќе знаеме дали нашава драмолетка ќе има и перипетија и расплет.  Во основа, ние влегуваме во крајната фаза на „редукција“ – согорување и отплеткување – на позициите на Македонија и Бугарија кон ова прашање, што ќе покаже дали решение воопшто е можно, и ако не, заради кого. Така, од однесувањето на двете земји, па и од ангажманот на меѓународната заедница, во следниов период, ќе зависи со каков кредибилитет и резултат, ќе излезе секоја од засегнатите страни на крајот од овој процес.

Зошто мислам дека овој период реално се етаблира како последен разумен рок за решавање на ова прашање?  Прво, возот од Балканот кон Брисел постојано се оддалечува од земјите кои останаа надвор од проширувањето, и интересот за реактивирање на некаква активна агенда по прашање на евроинтеграциите ќе се намалува со текот на времето. Последниот вагон лесно може да ни се изгуби во зајдисонцето, а тоа би било пораз и за нас и за ЕУ.  Понатаму, ако не успееме во овој период, до крајот на јуни или јули, кога се закажани самитот и советот на ЕУ, наредната прилика да се навратиме на ова прашање ќе се отвори дури во декември, зашто во меѓувреме има локални избори во Македонија и претседателски избори во Бугарија. Тогаш пак (во декември), интересот ќе биде помал, Меркел нема веќе да биде активна, а претседавањето со ЕУ ќе го преземе Словенија, за која, судејќи по нон-пејперите кои циркулираа по медиумите последниов период, евроинтеграцијата на Балканот не е на листата на приоритети – напротив, тие изгледа имаат други идеи како да се „развива“ регионот.  Затоа, ако по ова прашање не направиме пробив до јули, шансите понатака драматично ќе се намалуваат.

Последиците, доколку не се направи некакво поместување, и Македонија и Албанија не ги започнат преговорите летоска, би биле далекусежни.  Прво, Европската Унија и меѓународната заедница воопшто, ќе изгубат огромен дел од својот кредибилитет во општествата кои ќе бидат жртви на ваквиот неуспех.  Спротиставените меѓународните сили, најмногу Русија, која активно работи на саботажа на овој проект, од нејзини стратешки интереси, ќе го засилат и дополнително ќе го етаблираат своето влијание во Македонија, но и во Бугарија, па со тоа, и на целата оска од Полска до Турција.  Локалните политичари кои се промотори на евроинтеграцијата ќе изгубат волја, но и поддршка од домашните електорати, за продолжување на про-европските реформи. Политичките елити кои се противат на Преспанскиот договор, на дијалогот со Бугарија, на компромисниот начин на наоѓање решенија, со еден збор, евроскептиците, ќе добијат ветер во грб.  Политичките сцени во Македонија и Албанија ќе западнат во нова морална и етичка декаденција, оставени во вакуум просторот без европска перспектива.  Ќе се разгорат етничките амбиции и мегаломанските национални проекти.  Дијалогот Косово – Белград ќе стане беспредметен.  Босна и Херцеговина ќе остане без никаква перспектива на европската агенда.  Со еден збор, реално сценарио е регионот да отиде по ѓаволите.

Дали Бугарија има сила сама да ја понесе „вината” за ваквите последици од тврдата и антиевропска позиција во која самата себеси се смести?  Најверојатно не.  Мислам дека политичките елити во Бугарија, и оние во заминување, и оние во доаѓање, не можат да си дозволат да бидат единствените виновници за комплетната ерозија на европската перспектива во рамки на целиот регион.  Сепак, Бугарија има многу што да бара и очекува од ЕУ и од НАТО во периодот кој доаѓа, и мислам дека на крајот, цената за ваквата тврдоглавост и стопирање на една далеку поголема геостратешка агенда, би била преголема за било кој чинител на политичката сцена во Бугарија.

Оттаму, и покрај мантрата на тамошната влада дека нема мандат за ова прашање, мислам дека постои прозорец во кој можно е да се дојде до решение.  Во моментов, монопол на политичкото влијание во Бугарија има Радев: тој ја назначува привремената влада, и раководи, директно или индиректно, го голем дел од политичките процеси во периодот помеѓу двата изборни циклуси. Политичките партии не се инволвирани, па немаат ни голема политичка цена за евентуално откочување на преговорите.  Радев, кој сака да се кандидира повторно, секако ќе биде упатен на некаква поддршка од меѓународната заедница, која никако нема да ја добие, ако ја спречи и оваа шанса за напредок.  Новиот лидер на политичката сцена, без малку извесниот победник на наредните избори, Слави Трифонов, исто така е нов на сцената, и секако би му биле добредојдени сојузници во ЕУ и во НАТО.  Затоа, и покрај формалната позиција која останува цврста, мислам дека има простор за надеж за пробив.

Секако, таквата можност зависи од контекстот.  Ако ја прифатиме тезата дека времето е клучно, тоа автоматски имплицира дека не може да се задржи сегашниот механизам на дописно преговарање: тие нас позиција, ние ним контра-позиција.  Прашањето ќе мора да се дигне на повисоко политичко ниво, да се фокусира на една единствена координирана линија на напор, и да се донесе до катарза: до ситуација на „земи или остави”.  Контурите на ваквите поместувања веќе ги гледаме – нашите димпломати се во обиколка по ЕУ, Радев доаѓа во Скопје, а прашањето зема замав и води кон таква кулминација.  На крајот, добрата вест е што во процесот изгледа се вклучува најважната членка на ЕУ: САД.  Тие, поради потребата за итна стабилизација на регионот – во кој две земји членки на НАТО се блокирани во европските перспективи – имаат значаен интерес во разрешувањето на ова прашање, и очекувам нивна дополнителна мобилизација.  Така, сите линии на крупните сили, во геостратешки предизвик, ќе се фокусираат на ова прашање во наредниот период.  Тоа значи дека ќе има и засилена динамика, и „кршење раце“.  Тоа, на Балканот, секогаш било добар знак.

Петар Арсовски

извор: ДВ

Back to top button
Close