Здружение на судиите: Јавна осуда на судија не смее да се заснова на шпекулации
Соопштение на Здружение на судиите:
Изразувајќи искрено жалење за загубата на млад човечки живот, каде ниту еден збор не може да ја ублажи болката на семејството и блиските, ниту да ја надомести трагедијата што не потресе сите нас, Здружение на судиите на Република Северна Македонија сочувствува, но истовремено и изразува загриженост за фактот што поедини судии се дискредитираат во јавноста, без притоа да се почитуваат принципите на правна сигурност и пресумпцијата на невиност.
Здружението во целост се согласува и ја поддржува Подружницата на ЗСРСМ колегите од Основниот кривичен суд Скопје, во нивното барање за разумност и рационален пристап во согледување на евентуалните пропусти кај институциите, како и поддршка на граѓаните во нивното барање, исклучиво за Системски промени и зголемување на безбедноста на граѓаните, но и доследно почитување на Уставот и Законите.
Јавната осуда на судија не смее да биде иницирана и поткрепена од непотврдени шпекулации, односно без претходно да биде утврдена личната и професионална одговорност на судијата во конкретен случај.
Повикуваме на внимателен и одговорен пристап од сите општествени гласноговорници во носењето на вакви одлуки, со цел да се зачува независноста на судската власт и да се избегнат непотребни политички или јавни притисоци врз носителите на правосудните функции.
Вината за системските проблеми во сообраќајот не може да се припише на судството, бидејќи сообраќајните несреќи се комплексен општествен проблем поврзан со инфраструктурата, превенцијата и свеста на учесниците во сообраќајот.