Згаснува националната телевизија Клан

Со одлука на менаџментот, сите вработени во телевизијата Клан Македонија од вчера се отпуштени од работа, инфомира 4NEWS.mk. Ова е уште еден сигнал дека оваа медиумска куќа со национална лиценца, која во минатото се промовираше како глас на граѓаните, се соочува со крајот на своето постоење.

Телевизијата сè уште не ја подмирила годишната обврска кон Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), а според наши информации, рокот за плаќање истекува наредната среда. Но не ги исполнува ниту минималните технички, просторни, финансиски и кадровски услови за радио и ТВ емитување, утврдила Агенцијата пред четири дена.

Клан Македонија пред повеќе од една година доби нови сопственици – од Клан Косово, откако претходно беше дел од медиумската групација Клан Албанија на бизнисменот Александар Франгај. Нов менаџер во Скопје тогаш стана Фатон Шоши, сопственик на порталот Индекс онлајн. Како што веќе објавивме, телевизијата ја промени и локацијата – од Сарај кон просториите на Томато продукција, каде некогаш беше сместена и 1ТВ на Бојан Јовановски.

Телевизијата која емитуваше вести, ток-шоуа, документарни и забавни емисии на македонски и албански јазик преку кабелски оператор, своето прво влегување на медиумскиот пазар го имаше во 2018 година со преземањето на локалната ТВ Арт.

Новинарот Фуркан Салиу, кој беше дел од телевизијата, на својот Фејсбук-профил емотивно се осврна на проектот, потсетувајќи дека во 2019 година имал први контакти со тогашните нови сопственици од Албанија и го опиша проектот како „гигантски на хартија“. Тој сведочи за периодот кога тимот од Тирана оставил силен впечаток, со медиумски експерти кои инспирирале создавање силен локален тим.

„Со поддршка од Тирана, најпрво успеавме да го ослободиме Клан, а потоа, како што и самите сте сведоци, овој телевизиски канал се претвори во најголем поддржувач на граѓаните. Се разрешуваа директори, министри и заменик-министри. Се спречуваа неправди и, во некои случаи, со целосна убеденост можам да кажам дека беа спасени и животи“, напиша Салиу.

Но, по три години, како што вели тој, тимот почнал полека да се распаѓа – поради лаги за пазарната вредност, недостаток на технички и новинарски кадар и сериозни административни предизвици. Три години без значителни приходи, Клан Македонија опстојувала исклучиво благодарение на истрајноста на сопствениците, сè додека тоа не станало финансиски неодржливо.

Салиу заклучува дека „довербата на граѓанинот не се купува“ и жали што згаснува медиум со национална лиценца, праќајќи лоша порака до идните инвеститори.

Според извештаи на АВМУ Клан и ТВ24 во континуитет им се намалуваат приходите. ТВ Клан и ТВ Сонце оставриле најниски приходи во 2023 година.

Движење на вкупните приходи на телевизиите на државно ниво преку неограничен ресурс во периодот од 2018 до 2023 година

Тогаш прикажале и најголема загуба од 42,75 милиони денари.

Според информации на порталот 4 news има обиди за продажба, но реализацијата е неизвесна

Back to top button
Close