Зошто МВР не го спречи бегството на Груби?

Бегството на Артан Груби, еден од обвинетите во случајот со проневера во Државната лотарија, отвора сериозни прашања за ефикасноста на Министерството за внатрешни работи и улогата на министерот Тошковски.

Ако, како што тврди министерот, МВР ја водела операцијата повеќе време прашањето е зошто не го обезбедиле Груби и дозволиле тој да ја напушти државата само еден ден пред нејзиното спроведување? Ова е посебно симптоматично ако се знае дека ризикот Груби да побегне со оглед на неговата политичка моќ е голем.

Според информации кои кружат во јавноста, имало поставено полициска контрола на кружниот тек пред Блаце што укажува на тоа дека МВР се сомневала дека тој може да побегне. Дали тоа значи дека контролата што требала да го спречи евентуалниот негов излез од државата, затаила?

Ова фрла сериозен сомнеж на ефикасноста на МВР во овој случај, но и се отвара прашањето дали можеби неговото заминување не е дел од политички договор. И двајцата клучни обвинети во овој случај се веќе надвoр од државата. Надвор од поодамна е директорот Прпарим Бајрами.

Дополнително, се поставува прашањето дали ќе бидат преземени мерки против лицето кое, наводно, му помогнало да избега користејќи дипломатско возило – газдата на компанијата „Нептун“, кој во јавноста е поврзан со влијателни бизнис и политички кругови.

Министерот Тошковски вчера потврди дека Груби се наоѓал во Косово, но не даде јасен одговор зошто институциите не постапиле навреме за да го спречат бегството.

Во целиот хаос на информации, вчера беа „обвинети“ и поранешниот премиер Димитар Ковачевски и генералниот секретар на Владата, Методија Димовски. Сепак, од Јавното обвинителство стигна демант дека против нив нема активна истрага, што дополнително ја продлабочува дилемата дали МВР се обидува да го одвлече вниманието од сопствените пропусти и неуспеси.

Прашањата остануваат отворени, а одговорите на надлежните сè уште се чекаат.

Back to top button
Close