29 Нoември

Не, ова не е текст за некои “југоносталгичари“, можеби ќе ги разочарам сега на овој 29 Ноември, ниту пак ќе биде некој “комуњарски“ текст, ова е дел од некои мои размислувања и ставови кои ги напишав пред нешто повеќе од три години во една колумна кога пишувавме за Гоце Делчев, тогаш во пресрет на Бугарското вето околу нашите ЕУ интеграции.
Да, точно е, 29 Ноември беше најголем празник во поранешната СФРЈ, Денот на Републиката, како што го викавме на училиште. Се пишуваа состави за Тито, првачињата на овој ден добиваа црвена марама и капа и стануваа пионери, се зборуваше за АВНОЈ, итн. Силна идеологија и индоктринација кај младите збогатена со патриотски државен декор, за да останат и да го следат единствениот исправен пат, патот на КПЈ и Тито. Но сето ова е сега минато, за некои било исправно за други погрешно, како и да е секогаш велиме историјата ќе суди.

Но мислам дека денес од оваа временска дистанца би требало од друг агол да го погледнеме значењето на 29 Ноември за нас, за нашата земја, за нашата нација и во тој контекст да расудуваме и да носиме одлуки.
Имено, денес како нација обременета од многу премрежија, поделби и блокади на нашиот пат кон ЕУ, многу замешателства на разни поголеми и помали политички структури, како дома така и во соседството, народот се подели по многу основи, на патриоти и предавници, бугарофили и србомани, големи македонци итн. Моите размислувања кои ги изнесов минатиот пат одеа во насока на тоа да се размисли, да се земе во предвид и историскиот контекст, секако стручно и аргументирано, да на извесен начин се “рехабилитира“ овој датум кај нас овде во нашата земја. Од мноштво празници кои ги имаме и славиме мислам дека на 29 Ноември може да му се најде место и во независна и суверена Република Северна Македонија.
Зошто го велам ова?
Па има многу аргументи, некои луѓе ќе се сложат со ова, некои не, ама ајде да видиме да отвориме дебата.
Како прво мислам дека е погрешно овој поранешен празник да го ставаме само и исклучиво во Југословенски контекст. Како што националните единки (републики) на Југословенската федерација по распаѓањето по пат на сукцесија наследија многу работи така и празниците кои се во интерес на одредена нација може да се наследат, тоа не е погрешно доколку е поврзано и има значење за републиката. Јас сум убеден дека 29 Ноември како поранешен празник не е толку значаен за Србите, Хрватите и Словенците, но за Македонците е многу значаен. На 29 и 30 Ноември 1943 година во Јајце, во Р. БиХ е одржано Второто заседание на АВНОЈ. Во втората точка на Одлуката за свикување на ова заседание за прв пат (никогаш пред тоа) на рамноправна основа со другите југословенски народи се повикуваат и Македонците како суверена и рамноправна нација да стапат во Федеративна Југославија. Сега кој сака може да спори, ама ова е сепак еден голем историски и значаен чин околу формирањето на современата македонска нација.

Зошто велам современа?
Не се спорни нашите корени дека Македонци имало и многу време пред АВНОЈ, асимилирани, делени, поробувани, непризнати, како и да земете. Но поимот современа нација денес се разгледува пред се од меѓународно-правен аспект, односно од аспект на меѓународно-правен субјективитет на еден ентитет, а тоа значи да имате свој народ, идентитет, население, територија, тоа се елементите на современа нација, а темелите на сето ова за Македонците се удрени во Јајце на 29 Ноември 1943 година. АВНОЈ е предвесник за сето она што понатаму ќе се случува, за ослободувањето од фашизмот, за АСНОМ, за современиот македонски јазик кој денес е наш силен идентитет, за нашиот универзитет, за нашиот културен идентитет, итн. Можете колку сакате да не се согласувате со ова, но дајте аргумент. Тоа што Југословенската федерација веќе не постои, се распаднала, тоа нема голема врска со суштината и значењето на овој датум за нас како нација, токму на тој датум и таа година за прв пат сме признаени и втемелени како нација со сите нишани, без разлика што било тоа во рамките на федерацијата, затоа што по 1991 година продолживме како суверена и смостојна држава произлезени од рамките на тој државно-правен сега веќе (“дисконтинуитет“) наречен СФРЈ. Од историските факти не треба да бегаме и секогаш на народот аргументирано треба да му се кажува вистината, па сега кој како сака нека суди. Овие аргументи воопшто не одат во прилог на она “старомодно“ и навредливо толкување на Бугарите дека сме настанале во 1945 година, тоа не е точно но факт е дека темелите на современата македонска нација со своја територија, признат јазик, население, суверена власт се врзуваат од Второто заседание на АВНОЈ па натаму, сакале тоа ние да го признаеме или не. Треба едноставно да се размисли дали овој датум е важен за македонската нација и ако е така нека се рехабилитира, тоа е историја, нема ништо страшно во тоа.
Што се однесува до овие денешни настани и пресметки околу отворањето на Бугарските клубови овде во Македонија, секако и провокативните имиња кои на некој начин грубо ги потсетуваат Македонците на некои поранешни мрачни периоди од историјата, никако да стивнат и некако земаат се поголем замав. Искрено имам впечаток дека деструктивните сили од двете страни интензивно работат на постојани тензии меѓу Македонија и Бугарија се со цел да се успори или компликува нашиот пат кон ЕУ што на голема врата ни се подотвори со Францускиот предлог. Владата не треба да подлегнува во овој период на оние притисоци кои се изнасилени и имаат сосема друга конотација и цел. Имено, во врска со историските личности и клубови треба десет пати да мери па да сече, не треба да носи одлуки под притисок. Исто така никогаш не треба да бараат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се оградува од личности кои се нивна историја. Но и ВМРО-ДПМНЕ не треба да бега и да се срами од својата историја. Тие покажаа една невидена идеолошка хипокризија, обвинувајќи ја СДСМ и владата за отворање на клубот “Ванчо Михајлов“, внимавајте клуб кој го носи името на нивниот поранешен претседател на организацијата, тие сега ги напаѓаат другите, абе невидена хипокризија. Сето ова лудило треба да престане. Јас не можам да разберам дека најгласни во нападите за “Ванчо Михајлов“ се истите оние кои пеат песни, прават спотови и отвораат партиски настани со песните за Тодор Александров, кој исто така се декларирал за голем Бугарин, е сега што е разликата меѓу Тодор и Радко јас навистина не можам да разберам. Но ова лудило треба да престане, треба да престанеме со меѓусебни обвинувања и да се свртиме кон иднината. На тој пат секако да не наседнуваме на провокациите на разни Бугарски опозициски структури кои исто така интензивно работат на постојано подгревање на тензиите.
Е сега многу ми е некако мерак кога гледам дека она што го кажувавме и пишувавме околу Францускиот предлог за време на оние тензии од летото, некако полека, полека се исполнува, еве го македонскиот јазик влезе во ЕУ, та нели немаше да биде така, ќе не блокирале сега, утре, задутре, како не бе! Кај се оние експерти кои Ве плашеа по емисии околу овој предлог, кај се да ги видам, нека гукнат нешто!
П.С. Сите го гледаме почитувани овој хаос на скопските улици, протести на превозниците, блокирани крстосници, кавги, ископани и оставени улици и булевари, нема друг збор со кој може да се опише ситуацијата во главниот град освен со хаос. Ваква елементарна непогода од градоначалник Скопје нема доживеано во својата историја. Абе со сите се “испокара“ и “истепа“. Градоначалничката не е воопшто “дорасната“ за ситуацијата во која се нашла, да води еден вака сложен систем како што е град Скопје. Нема сега да користам овде некои веќе видени фрази кон опозицијата и нивниот избор за градоначалник во стилот “што сте дробиле ќе си сркате“ иако тие се обидуваат да се оградат од нејзе со некои сплетки што сега и ги прават а кои одат на штета на скопјани и секојдневното функционирање на животот, едноставно ни останува само да апелираме што побрзо да се најде решение за проблемите и да почне колку толку нормално да функционира градот, тоа ни останува, само да се надеваме.

м-р Глигор Стоименов

Back to top button
Close