Заменик министерот Шабани присуствуваше на онлајн работилница за развивање план за родова еднаквост

Заменик министерот за образование и наука, Арафат Шабани денеска присуствуваше на онлајн работилница на тема „Развој на план за родова еднаквост: Исполнување на барањата на програмата Хоризонт Европа“ на која учествуваат 80 научници и истражувачи од десет земји.

– Работилницата посветена на прашањето за родова еднаквост се реализираше во рамки на Хоризонт 2020 проект: „Воведување на одговорно истражување и иновации во земјите од Западен Балкан“, во чиј проектен конзорциум од македонска страна учествуваат Македонската академија на науки и уметности и Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење, информира Министерството за образование и наука.

Во своето обраќање Шабани истакна дека според извештајот на УНЕСКО за 2020 година, Република Северна Македонија со 53 проценти на жени истражувачи е лидер во Европа, според показателот: жени истражувачи како процент од вкупниот број на истражувачи во државата.

– Министерството за образование и наука континуирано ги поддржува сите активности кои го стимулираат вклучувањето на жените и девојките во образованието, науката, технологијата и иновациите. Затоа ние сме среќни што во делот на политики за родова еднаквост, особено во науката, според статистиките на УНЕСКО контираме високо на ранг-листите, додава тој.

Државата во моментов минува низ процес на реформи во образовниот систем, а како што посочи министерот, реформите се со цел младите генерации да се оспособуваат со подобри дигитални, претприемачки, животни и т.н. зелени компетенции. Тој додаде дека промените предвидуваат интензивно интегрирање на прашањето за родова еднаквост во сите сегменти и нивоа на воспитно образовниот процес.

Back to top button
Close