Јустинијан и Конрад од Ново Лисиче

За неполн месец од функционирањето на новава Влада на Димитар Ковачевски, би се рекло и на општо изненадување, резултатите не само што не ѝ се лоши, туку како сосема да ја потиснаа победничката пост-изборна еуфорија на опозицијата и оној нејзин лошо изведен анти-климакс со обидот тие да создадат ново мнозинство во Собранието и со блиц-криг да ја преземат власта во државата. Така, европската енергетска криза не произведе (барем сѐ уште не) тотален распад на нашево кревко стопанство; скопјани не се смрзнати; земјава напредуваше цели 24 места во перцепцијата за состојбите со корупцијата на индексот на Транспаренси; процесот за преговорите со Бугарија успешно се постави на сосема нови „шини“; Гоце Делчев ја „преживеа“ 150 годишнината од своето раѓање; се постигна договор за зголемување на минималната плата со социјалните партнери…

Всушност, фер би било да се каже дека, со оглед на општопознатите економски и политички околности, а и одиумот во јавноста, на власта одлично ѝ започна годинава. А и Заев тотално го снема, одјава кон струмичкиот залез на сонцето, секоја трага сосема му се загуби… До вчера од фрижидер по дома го вадевме.

 

Ова не се добри вести за опозицијата. После подолго време, сега темпото е повторно јасно на страна на власта, а „моментумот“ за предизвикување вонредни парламентарни избори, ако некогаш и реално го имало, како да е ставен „ад акта“, барем до летоска. Се изјалови жестоката „зимска офанзива“ и пропагандната кампања дека во државата сѐ е катастрофа и тотално предавство.

 

Токму затоа и се чини дека, во обид за „компензација“, опозицијата сега најавува дека започнува пропаганден проект со континуирано откривање на „криминалите на власта“ од претходниот градоначалнички состав на своите опоненти. Мислам дека инспирацијата им е од еден друг проект, што своевремено се нарекуваше „Вистината за Македонија“ и којшто пред пет години ги „закуца“ таму каде што и сега се наоѓаат (во опозиција). Проблемот е во тоа што се добива впечаток дека од брзање на таа тема во изминатите месеци веќе испукаа неколку бележити пропагандни ќор-фишеци – како комичнава вчерашна кривична пријава на Арсовска за „незаконски“ потрошените дури 600 евра за новогодишната кафеанска прослава на претходниот состав на Советот на Градот – што не им се добра препорака за убедливоста на доказите со кои ќе објавуваат наводни афери за бившите локални функционери од СДСМ и ДУИ. Да не излезе евтина забава за уживанција на нивната партиска публика по Фејсбук и Твитер, а со „кратки ракави“ да остане пошироката јавност која баш би уживала во сериозните докази за злоупотреби кои мора да ги има барем за некои од претходните градоначалници.

 

На слична тема, но „од другата страна на медалот“, е вчерашната прес-конференција на градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, кој најави дека со асистенција на германската фондација „Конрад Аденауер“ и Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ започнува со проектот за претворање на неговата општина како место со „нула корупција“. Од медиумските извештаи апсолутно ништо не разбрав за тоа како ќе изгледа и како ќе се спроведува таа замисла, но сето тоа ми личи многу на ентузијазмот и убавите празни зборови на Љупчо Николовски кога во владата на Заев ја измислија онаа вицепремиерска функција за борба против корупцијата, оти и тогаш се спомнуваа „интегритет“, „дигитализација“, „алатки“, „добро управување“, „ефикасен систем“, „релации“, „нула корупција“ и слично блаблабла…

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close