Самите Украинци, под дожд куршуми, ја бранат културата која ние ја забрануваме!?
Стара македонска мудрост е дека во зорзоман “гори и сувото и суровото”, ама толку суровина на едно место и не е некоја добра препорака. Тогаш, се мешаат и “баби и жаби”, а многу жаби и жабјаци ги креваат нозете чекаjќи и ним да им биде ставена потковица!

За да не бидеме и ние покусо, такви примери доагаат и од земји со попаметен народ од нас (случајот од Милано со забраната на предавање за Фјодор Достоевски), кај нас се погрижи Националната установа за опера и балет, откажувајќи го концертот од руски романси.
Мотивот е познат – руската агресија врз Украина, од каде доагаат поразителни информации и документи, сцени кои упатуваат на варварски постапки. Цели градови се срамнети со земја, најповеќе страда цивлното население, а бројката на заминатите од своите домови, надмина 3 милиони.
Дека НОБ не дејствувала сама, потврда е реакцијата на Министерството за култура, со официјалното соопштение:
-„Последните вести од Украина го загрижуваат целото човештво. За никого ова не е време за романси. И уметноста е порака, затоа никој не смее да дозволи таа да биде извалкана. Убавите романси нека останат за подобри времиња, времиња во кои повторно ќе владее мирот, нема да има жртви и никој нема да се чувствува загрозен или под закана“.
Нема сомнение дека “вестите од Украина го загрижуваат целото човешто”. Уште и повеќе. Но, ако во самата Украина – од Одеса и Киев, до Харков и Лавов, самите Украинци, под дожд од бомби и куршуми, излегуваат да ги заштита спомениците на културата, на јавен простор, како и оние во музејските збирки, зошто ние, би ја укинувале културата – од топлите директорски и министерски кабинети?
Да се разбереме, говориме за споменици подигнати од руска рака, односно дела на руски автори. Може ли денеска некоја бирократска величина да отстрани, или, недај боже – спали некоја икона од Андреј Руљов, сликарскиот волшебник од пред 6 века!?
Едно е да се осуди руската агресија, да се придружиме кон санкциите, да згрижимие некое семејство (адвокатот Тортевски го понуди својот стан во Пештани, крај Охрид, дури и се понуди да превезе украинско семејство – самиот од украинската граница со западот), да испратиме и помош, зашто не – и воена, а сосема друго да забрануваме културни настани.
Ја читам реакцијата на еден поранешен, нималку случаен министер за култура, театарскиот режисер со светска репутација, Унковски. Унко, режираше дела во Грција, кога ние бегавме како гавол од темјан од Грците. Еве, се покажа дека човекот бил во право и за разлика од нас – ќоравите и сакатите, гледал многу подалеку.
Легитимно е прашањето: дали покрај сите жртви на теренот и страдањето на Украинците, треба да настрада и културата!?
-„Верувам дека може да се направи дистанца помеѓу уметноста и политичката активност на уметниците. Комплексна е уметноста на врвните уметници, особено ако се самостојни. Војната во Украина е толку страшна што сите треба да се дистанцираат. Нормалните луѓе сѐ ќе направат да се дистанцираат од ова што го прави врхушката на Русија, а не мислам дека е желба на рускиот народ“, вели Унковски.
За писателот Раде Сиљан (издавачка куќа Матица) спорна е и самата помисла да се забрани книга. Замислете, автори од форматот на Солженицин и Бродски, кои, заради своите погледи беа прогонети и својот живот го поминаа во егзил, денеска нивните дела да бидат забранети. Тоа е апсурден и нецивилизиран чин. Но, да се надеваме дека творештвото ќе биде поштедено од цивилизираниот свет“, појаснува Силјан.
Што ќе прават утре врвните културни манифестации кај нас, нашите прозорци од кои го гледаме светот и светот не гледа нас? Ни го приопштува највредното. Што ќе прават Струшките вечери на поезијата, уште сега, во моментов, кога ја подготвуваа програмата за на лето? Фестивалот “Охридско лето”, исто така.
Треба да заборавиме дека со “Златен венец”, се закитени најповеќе Руси во Струга. Дека имиџот на “Охридско лето”, во прв ред, го градеа музички авторитети од Русија. Од Леонид Коган, преку син му Павел и ќерката Нина, до Третјаков и останатите.
Лесно е сега, да се донесе некој западен уметник од трето животно доба, а до вчера навистина бил светски авторитет. Да не ги наведувам примерите. Навистина звучни имиња, ама во презрело доба, достојни само за фалење и евентуални прием во вилата Биљана – од времето кога таму битисуваше Хорхе Паљурски!
Лесно е сега да се “продава” култура во установи каде повеќе се трошат средства за вработените партиски војници отколку за сработените културни настани!
Прашање за милион долари: колкумина се денес вработени во Дирекцијата на фестивалот “Охридско лето”? Знам дека нема да верувате: 25 во редовен работен однос! Додека трае фестивалот (40 дена) се ангажираат и хонорарни лица – времено. На господата вработени им е “испод части”, пред концерот да најават да ги исклучиме мобилните телефони, или, да застанат на влезот пред сцените!
А што работи таа господа, надвор од тие 40 фестивалски денови? Каде битисуваат? Во просториите на Дирекцијата нема место ниту за четвртината од нив!
Пресметал ли некој, која е разликата помегу паричниот издаток за настаните, вооднос на оној за платите и придонесите за вработените?
Веле Митаноски






