Празно грне

Да беше Собранието приватна фирма, а Талат Џафери менаџер, сигурно немаше да мора да им се извикува на административците што во работно време му шетале низ улица Македонија, или да им ја заклучува вратата на вмровските пратеници што влегуваат и излегуваат од салата како што ќе им се присака. Досега веќе или ќе им беше намалена платата, или ќе беа избркани од работа. Да не ќе им дозволеше некој директор да го надмудруваат системот со „влези-излези“ и уште тој да излезе крив оти им ја сфатил играта дека му прават хаос на работа. Или, ќе му се закануваа вработените „Оооо, па ти ми се дереш, ме навредуваш оти за време на работно време не сум бил на работа“.

„Ти се дерам!? Гледај како ќе те отпуштам од работа без дерење!“.

Тоа дека Талат направи белја – направи. Плус и одби да се извини. Ама па сега ќе глумиме фестивал, па ќе морализираме дали речникот му бил соодветен додека другите правеле хаос. Суштинската расправа ќе се сведе на тоа какви зборови употребил спикерот на Парламентот за да се справи со блокадата на Собранието, а ќе заборавиме дека опозициските пратеници ја попречуваат работата на Собранието. Вклучително и со расправата за интерпелацијата иако знаат дека немаат доволно гласови да го сменат спикерот. Џабе ќе ни ги губат деновите кога можат нешто и да сработат. Купишта закони од кои зависи нашето живеење ќе останат блокирани. Собранието ќе биде нефункционално, како што впрочем е и до сега.

Ама законите не се приоритет. Граѓаните пак – ич. Приоритет е лидерот на опозициска партија што не е пратеник, ама замислил да има предвремени избори. И пратеници на кои приоритетот не им е добробит на даночните обврзници што ги плаќаат да им носат нови закони и да им ги поправаат постоечките, туку добробит што партијата ќе им го носи само на своите.

Имаме војна во Европа, имаме економска криза, имаме здравствена криза… Ама што е тоа во споредба со големината на еден шпицен кандидат?

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close