Кеш за волкот

Ќе направиш армија од 200.000 административци, ќе ти снема пари да им даваш плата, договорот со ММФ за заем доцни и – ќе си смислиш систем како таа армија да ја сервисираш, ама на јавноста тоа ќе ѝ го претставиш под името „даночна реформа“.

Тоа е тоа. Нема пари. Даночната реформа што ја најавува министерот за финансии Фатмир Бесими се сведува на реформа за обезбедување плата за партиските гласачи. Министерот не спомена дека ќе се реформира државната администрација, дека ќе штедат државните и општинските институции, дека ќе се намалува сивата економија со засилена дигитализација, дека ќе се бараат нови извори на финансирање, дека ќе се намалува бројот на вработени кои зависат од буџетот, дека тие што не им се работи, а се на државна плата ќе ги натераат да работат, дека неселективно ќе се казнуваат тие што затајуваат даноци и перат пари. Па дури и дополнително да се оданочат тие што остварија екстра профити за време на ковид кризата.

Па уште и Владата си признава дека имало многу сива економија. И што прават за да ја сузбијат сивата економија? Дополнително ќе ја оданочат белата економија. Удри по платите, хонорарите и штедните влогови. Оти од таму доаѓа штетата на општеството, а не од партиската војска напикана по кабинети и јавни претпријатија и од корупцијата од најмалото општинско јавно претпријатие до кабинетите по министерствата.

Владата пресметала дека со новите даноци ќе собере 54 милиони евра. Многу се, или недоволно за буџетот, не се разбирам. Ама не е работата до тоа колку ќе се даночи. Туку каде ќе завршат тие пари. Бројот на тие што плаќаат данок е ограничен. А бројот на луѓе кои треба да се купат како партиски гласачи се зголемува. Сите партии имаат две целни групи кои им се клучни кога доаѓаат избори: пензионерите и јавната администрација. Пензионерите ги решија – ќе им дадат по илјада денари и ќе им обезбедат пари за 20 леба. Ама јавната администрација треба да се купи со плата. Преименувај ги работните места од советници во соработници, со истата плата и хонорари како во времето на Заев и продавај им на луѓето даночна реформа. На овие што плаќаат даноци ќе им земеме повеќе пари, а за овие што не плаќаат ќе видиме, греота се.

ДУИ нема потреба да купува гласачи, цели фамилии, сосе тие што се иселени, им се купени со државни плати. А СДСМ им објавува војна на чесните, на тие без чии гласови како дополнение на партиската војска немаше никогаш да дојдат на власт. На луѓето чии надежи за департизација на општеството се изневерени и на разочараните дека клиентелизмот победува пред стручноста, ама уште се на ниет да им прогледаат низ прсти – знаеме дека се неспособни и неспособноста ја кријат со ароганција, ама барем (уште) не се силеџии како ВМРО-ДПМНЕ.

Кое фајде од даночната реформа ќе имаат граѓаните кога и во вториот мандат на СДСМ останува правилото: За криминалците амнестии и продолжен одмор во Струга, за партиските ајдуци тендери, а за компаниите и чесните граѓани – даноци.

Владата бара начин како да ја сервисира администрацијата, а не како да се сервисираат потребите на сите граѓани. Па како резултат на тоа, државата наместо сервис на граѓаните се претвора во душман.

Колумната на Горан Михајловски цо целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close