Мојот другар Миле-Чатал

Почитувани, во прилог колумната на Трифун Костовски Мојот другар Миле-Чатал

Почитувани пријатели, денеска ќе пишувам за мојот другар од Скопје, Миле Цветановски, познат под прекарот Чатал. Миле-Чатал беше неколку генерации повозрасен од нас, меѓутоа другарувањето со него и нашата генерација другари го должиме пред сѐ на неговата сопруга Лиле, која беше нашата најубава Лилјана во Гимназијата Јосип Броз Тито, а Миле-Чатал, како искусен и шармантен познавач на женскиот пол, ни ја украде.

Потекнува од старо скопско семејство од Дебар Маало, каде култната кафеана Идадија во наследство и сопственост на неговото семејство (Миле и неговите браќа, сестри и братучеди), со години наназад ја менаџираше оваа култна кафана. Кога зборуваме за кафаната Идадија, тогаш зборуваме за едно Скопје како феникс никнато од пепелта, со првите кафеани, кафетерии и слаткарници.

Сакам да појаснам: слаткарниците во Скопје од 50-60 години од минатиот век покрај кафеаните беа култни места, често посетувани од нас граѓанте на Град СКопје, особено од младата популација. Летно време боза, лимунада со шампита, еклер, тулумба, кадаиф, а за зимските посети на слаткарниците типични беа консзумирање на салеп кој ни ги грееше грлото, но и рацете, душата и телото.

Кафаната Идадија имаше традиција на 1 јануари да нѐ собира. Секоја година токму на овој ден во кочан зима ечеа зурли и тапани, славејќи го првиот ден во новата година со песни, игри и желба за здравје и успех на нас граѓаните. На овие весели настани во кафеаната Идадија, мојот другар Миле-Чатал беше првиот ороводец кој цело време музичарите ги китеше со пари, лепејќи им ги на челата.

Миле беше цел живот посветен на спортот, но не на колективниот спорт, туку на индивидуалниот. За Миле атлетиката беше врв на спортовите, а скијањето врв на врвовите. Со својот немирен дух, ама чиста мисла, беше специфичен и како професор по физичко образование. Долги години предаваше во средното насочено Угостителско училиште, каде остави траен белег меѓу генерациите кои ги сакаа неговите часови. Вообичаено беше на нашите ноќни дружби кога излегувавме по скопските кафани, да бидеме дочекани од неговите ученици. Келнерите или шефовите на рестораните го дочекуваа со голем респект, давајќи му признание не само со зборови туку и со дела со кои ја покажуваа својата почит. Миле беше несомнено многу силен маж, ама не по неговата конституција, туку по неговата силна волја, знаењата и вештините стекнати низ животот.

За неговата сила сведочи и една мала случка. Вообичаено по фудбалските натпревари се собиравме во кафеаната Идадија 2, кај Миле –Чатал. Кафеана не повеќе од 15-16 метри квадратни, ама полна љубов и домаќинл’к. Во една таква прилика , тукушто седнати во неговата кафеана, нарачавме салати и скара, залиени со ракија, пиво и вино. Одеднаш на вратата се појавија три персони кои што по секоја цена инсистираа да добијат место во кафеаната. Да појаснам: во Идадија немавме жива музика, туку со една гитара умеевме да пееме и да се забавуваме во прекрасна атмосфера. Тројцата неканети гости влегувајќи насилно, веднаш го побараа газдата да се појави пред нив за да им обезбеди место. Миле им објасни дека место нема, а бидејќи се работи за доцни часови, кафеаната наскоро ќе биде затворена. Агресивниот настап на навалентните гости дојде до степен на физичка пресметка. Миле многу смирено ни укажа да не се мешаме во оваа работа, туку дека самиот ќе го среди проблемот. Осилени од ваквата изјава на Миле, тројцата натрапници уште повеќе станаа агресивни. Едниот од нив беше за три глави поголем од Миле и насилнички со заканувачки тон му пријде да го уплаши. Миле ја крена десната рака и со прецизен зафат го стегна со прстот меѓу вратот и градниот кош, што човекот изгуби здив и полека почна да се симнува на коленици. Миле, како докажан педагог го донесе во фаза да клечи и да моли да го пушти. Секако, Миле го пушти и тројцата натрапници излетаа низ вратата како куршуми.

Ќе ми дозволите за Миле да раскажам уште две случки преку кои би ја опишал неговата големина и хуманост. Првата случка беше при нашите крстарења низ Кикладските острови на Егејското море, кога едно утро, сакајќи да ја покаже љубовта кон својата сопруга Лиле (која ја викаше Хелга бидејќи во домот работите ги постројуваше како Германка), сакаше да ѝ однесе мед и млеко во нивната кабина. Домаќинката на бродот Марија се трудеше секој од нас на бродот да биде максимално услужен. Миле не говореше англиски јазик и почна со пантомима да ѝ кажува на Марија што сака. Млекото веднаш го детектира, ама за медот беше проблем и Миле направи цел перформанс за да ѝ го долови медот на Марија. Зема едно цветче, почна со рацете да врти околу цветот и со устата да зуи како пчела. Финалето на оваа пантомима беше кога Миле извика ,,ЦК” ставајќи го показалецот над цветот. Марија, нашата домаќинка, реагираше како Архимед со воскликот ЕУРЕКА, изговарајќи го на глас зборот ,,хани”, во превод мед. Миле весел и радосен што успеал да објасни извикуваше хани, хани, хани, хани.

Оваа симпатична случка меѓу нас другарите беше долго време прераскажувана како еден своевидна потврда, колку Миле беше посветен на својата сопруга.

Вториот настан се случи во годините кога Миле замина во пензија и се соочи со срцеви проблеми. Веднаш го зедов со себе во Виена, го сместив во АКХ болницата со цел да биде успешно третиран. Немирниот дух на Миле не му дозволуваше на раат да ги помине овие денови на испитување и лекување. Да појаснам: помошниот персонал во болницата АКХ беа луѓе од бившите ЈУ простори со кои Миле комуницираше. Тој дозна дека лекувањето во оваа болница е енормно скапо за македонски услови. Во моментот кога дозна колку тоа чини веднаш нарача од помошниот персонал да му ја донесат гардеробата и да си замине од болницата. Секако тоа не му го дозволија и следното утро при мојата посета кај него тој ме дочека со широко отворени очи, гледајќи ме зачудено. Почна да ме допира по лицето, косата, телото велејќи ми: „ти не си од земјава планета, ти си дојден од некој друг свет. Кој си ти за еден пензионер од Македонија да плаќаш цело богатство за негово лечење, затоа што во нашата Македонија со самото пензионирање те ставаат на свевиден отстрел”. Го убедив Миле да остане и лекувањето заврши многу успешно. Срцевите маани му се санираа, меѓутоа од тој момент јас за Миле бев човек од друга планета. Мојот Миле –Чатал повеќе години не е меѓу нас. Неговата сопруга и двете ќерки денеска се неговиот оставен аманет. Постарата Олга е мажена во Скопје, со веќе омажена ќерка Јана, а помалата Сара е во Германија, каде расне две дечиња.

Миле –Чатал, неговата сопруга Лиле, ќерките Оле и Сара се синоними на возвишена човечност Кастанетите, кои Миле ги практикуваше на секоја забава, денеска стојат како спомен во домовите на неговите ќерки, а за нас тие кастанети значеа музика, радост и дружба.

Вечна ти слава пријателе. Се надевам дека твоите внуци ќе продолжат по патот кој што ти и Лиле го трасиравте за вашите ќерки Оле и Сара, бидејќи се вели дека ,,плодот паѓа под дрвото”.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close