Мојот другар Ѓорѓи

Почитувани пријатели, денешната колумна ќе ја посветам на мојот другар Ѓорѓи Цветковски, прекар Џоле-Брко.

Ќе ми дозволите најнапред, пред да отпочнам да пишувам за мојот другар Џоле –Брко, да се навратам и повторно посветам внимание на мојот неодамна починат другар Марин Бабиќ, за кого пишував во предходна колумна.

Деновиве бев информиран дека Марин направил околу 15 прекрасни рецитали, со текстови на Огнен Неделковски и музички аранжман на Александар Митевски. Ние тројцата решивме, рециталите постхумно да ги објавиме во јавноста, за да испратиме порака дека душата на Марин е сѐ уште меѓу нас.

Мојот другар Џоле-Брко, по вокација новинар кој голем дел од својот работен век го помина во ОКТА, денес е пензионер. Со Ѓорги другаруваме последните три децении, откако случајно се запознавме на фудбалските терени, трчајќи по ,,лудата” топка која нас љубителите на фудбалот непрекинато нѐ мами да трчаме по неа. Брко, стамен човек со цврст карактер, вљубеник во музиката, културата, спортот и човек кој што нема област која не му е позната. Меѓутоа, она што најмногу плени кај него е неговата смисла за хумор, која на многу суптилен начин ја изразува, што би рекле ние старите скопјани „му стои”.

Карактерна смиреност и одмереност се типична за мојот Ѓорги. Не паметам некогаш да подигнал тон, независно од ситуацијата или кога сме муабетеле на теми политика, спорт, култура… Неговите ставови на сите теми биле длабоко аналитички и рационални. Заедничките летувања, прослави и дочеци на Нови години, беа местата на интензивни и весели дружби. Ќе ви раскажам два моменти од кои би сакал, вие моите пријатели, да ја разберете човечка големина.

Пред дочекот на Новата 2001 година во Анталија, Кемер, Хотел Ренесанс , практикувавме да играме тенис и мал фудбал. Туристичките ресорти во овој регион на Турција се многубројни и честопати оградени меѓу себе, што од друга страна го ограничува просторот за спортување. Во една таква прилика со Ѓорѓи игравме фудбал на спротивни страни. Во еден момент Ѓорѓи толку силно ја удри фудбалската топка да отиде во соседниот ресорт. Неговата сопруга Виолета не пропушташе ниту една можност да ги следи спортувањата на мојот другар Ѓорѓи. Виолета кога виде дека нејзиниот сопруг го шутна фудбалот во соседниот , спонтано рипна и потрча да го земе, нормално одејќи преку официјалниот влез. Ѓорѓи смирено ја погледна како трча и само прокоментира: „ако оди земи ја , јас ја шутнав” – кажувајќи на автентичен начин со говор на тело и гримаси.

Денес со Ѓорѓи вообичаено играме тенис и шах. Тенисот го практикуваме во двојки, а шахот секако тет- а-тет. При самото спортување тенис, ние говориме дека тенисот е првото полувреме, а второто полувреме го продолжуваме со шах и дружење на софра пред нас. Како и секоја спортска игра за убавите удари во тенисот, блескаме од среќа, а за т.н. ,,утки” реагираме типично за нас, а тоа значи самит себе лути. На крајот, сепак се помируваме со заклучок дека тенисот е само игра.

Во фазата „второ полувреме” следат шахот и софрата. Софрата е социјализирана, бидејќи се собираме повеќемина и меѓу нас постои една нормална жива дискусија, за разлика од шахот кој сам по себе е асоцијална игра бидејќи молкум се игра, што е типично. Да појаснам: за сите спортови кои ги практикуваме, вклучително и шахот, немавме ништо професионално и народски кажано си бевме самоуки.

Имајќи ги во предвид софрата со јадења, мезиња и пиења, ние шахистите попречуваме муабети на софра, оти од нас молчеливите играчи немаше вистински муабет. Другарите од софрата инсистираат на муабет дофрлувајќи: „ајде да си правиме муабет”. Е токму во овие моменти, на еден изразит начин се покажуваше суптилноста на хуморот на Џоле-Брко. Џоле шеретски ќе ја кренеше главата од шаховската табла повторувајќи: „ајде да си правиме муабет, како си„? Токму во тој момент настануваше молк на софрата поради шегобиецот Ѓорѓи. Секако, честопати ние шахистите моравме да ги прекинеме игрите за да се придружиме на неодоливите муабети на софра.

Ѓорѓи од неодамна е пензионер, татко на две прекрасни ќерки и дедо на првото внуче со име Јаков. За малиот Јаков, кој има неполни 3 години, Џоле Брко е најсаканата личност. И денес, Џоле е еден од првите кандидати да биде прогласен меѓу нас другарите дедовци, за најдобар дедо. Секако дека меѓу дедовците ќе има голема конкуренција за шампион во оваа категорија, бидејќи на Џоле Јаков му е прво внуче, додека многумина од нас веќе имаме по две-три внучиња. Да почекаме, има и што да се чека на овие години, за нас дедовците најголемиот капитал – внучиња. Дај Боже да го гледаме Џоле како ќе се покаже со останатите внуци, кои допрва ќе се појавуваат во неговиот живот.

Брко биди ми жив и здрав, во шах ќе те тепам, а за тенис ќе видиме….

Трифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close