Срце на крстопат
Фала ѝ на ЕУ за 80-те милиони евра што ќе ги даде како помош на Македонија за ублажување на енергетската криза.
Наше гајле е сега како ќе ги трошиме и дали парите ќе ја постигнат целта без корупција. Фала ѝ на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен што го поздрави потпишувањето на договорот на Македонија со Фронтекс на македонски јазик и што самата твитна на македонски јазик.
Ама, зошто мораше овие две убави вести да се поклопат со омрзнатиот збор „северномакедонци“ што таа го изговори за време на прес- конференцијата со премиерот Ковачевски?
Сѐ ќе направи како што треба, ќе го испочитува македонскиот јазик, ама ќе каже еднаш „северномакедонци“ и забораваш сѐ убаво што зборела. Од каде би знаеле странските државници дека тоа прашање кај нас е многу чувствтелно, ако некој тоа упорно не им го кажува?
Многу е глупаво ние дома да си ги вадиме очите – северџани, меверџани, вакви, такви, а да не реагираме надвор, каде што треба. Впрочем, Урсула фон дер Лајен и францускиот претседател Емануел Макрон веќе еднаш се извинија кога споменаа „северномакедонци“. Можат тие и сто пати да згрешат, ама од тука треба сто пати институционално да се реагира.
Нека си забележат тие што им ги прават белешките за прес-конференциите и изјавите дека северномакедонци не постојат. Дека постојат граѓани на Северна Македонија во која живеат Македонци кои многу се навредуваат ако некој ги нарече северномакедонци.
Исто како што има и Албанци кои, не дај боже, некој да згреши да ги нарече Македонци. Одма чизмите заборавени од 2001 од таванот ги вадат. Вака излегува дека на „странскиот фактор“ повеќе му е грижа да не ги навреди Албанците, а за Македонците се покажа дека можат многу навреди и понижувања да истрпат на патот кон ЕУ. Секој ваков гаф за европските лидери и функционери можеби е незначаен, но за нас е увод во нови политички поделби. Одново и одново. Ќе се вртиме во круг на патот кон ЕУ. Божем за стабилност зборуваме, а нашето одење кон ЕУ стана најголем фактор на политичка нестабилост.
целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК