Мојот другар Јурек

Почитувани пријатели, денес ќе пишувам за мојот другар, пријател и деловен партнер Јурек Цабак.
Јурек е Полјак, високо образован металург кој во својот работен век ги помина сите скалила на усовршување во најголемиот металуршки комбинат во Полска , Хута-Катовице. Од инженер во погон, па директор на валалница и на крај генерален директор. Сакам да појаснам дека името Јурек е најчестото име кое се сретнува меѓу Полјаците во Полска и секаде низ светот. Поавтентично полско име од Јурек не постои. Секако, ова е моја лична перцепција, бидејќи за време на мојот работен век во Полска најмногу комуницирав со луѓе кои го носат токму ова име.
Во натамошниот текст ќе го именувам како Цабак. Цабак е стамен човек, исклучително карактерен со изразени принципите кои го красат секој доблестен човек. Неговите сини очи умееа да дадат топлина и сериозност при разговорот со него.
Се запознавме во раните 80-ти години на минатиот век, кога заедно, јас како вработен во Технометал-Вардар најпрво како шеф во секторот неметали, а потоа како делегат во Варшава, редовно продававме огноотпорни материјали за самата железара и коксарите во Жџешовице. За да знае јавноста, ќе укажам дека Жџешовице е најголемиот производител на кокс во светот со годишно производство на 20 милиони тони кокс, а функционира во рамките на Хута-Катовице. Горд сум на постигнувањата, бидејќи од вкупно 11 коксни батерии, ние обложивме, односно реконструиравме вкупно 8, со огноотпорен материјал на Силика-Гостивар и Шамот-Аранѓеловац. Вградениот материјал во овие коксни батерии и натаму е функционален.
Цабак беше човекот кој ми овозможи да навлезам подлабоко во функционирањето на исклучително големи комбинати, како Хутра-Катовице со најголем инсталиран капацитет во Полска од 5 милиони челик на годишно ниво. Вкупно вработени во железарницата и коксарницата беа околу 60 илјади луѓе. Полска во тоа време беше земја на непокор, а кој најчесто се искажуваше преку движења и синдикални организации. Впрочем, движењето „Солидарношч” од раните 80-ти години беше толку моќно што доведе до распаѓање на Варшавскиот пакт, Советскиот Сојуз и Берлинскиот sид.
Ги паметам зборовите на Цабак, кога ќе кажеше дека најтешко се справува со синдикатите кои ги имаше многу, повеќе од 20 независни синдикални организации, добро организирани во своите цели.
Според законите, кои во тоа време важеа во Полска за секоја синдикална организација, комбинатот мораше да обезбеди простории, секретаријат и превозно средство за така-наречените лидери. Умееше да каже: ,,полесно ми е да бидам покрај големите печки, каде е многу жешко, отколку да дебатирам со синдикатите”. Својот мандат го заврши со успеси на сите полиња и немаше синдикална организација која не покажа благодарност за неговата конструктивност и комуникативност.
Во средината на 90-те години Цабак како генерален директор настојуваше да го одржи производството, иако светскиот пазар беше депресивен за нивните производи, а цените на полупроизводите и финалните производи беа под цената на чинење. Недостатокот од финансиски средства во секојдневното работење уште повеќе се одразуваше врз работењето на комбинатот.
Како најголем добавувач на железна руда во Хута-Катовице, имав статус на вистински партнер. Заемната поддршка меѓу мене и Цабак беше еден силен сегмент кој уште повеќе ги зацврсти нашите односи како партнери и луѓе од збор.
Ќе споменам само два клучни моменти. Моето појавување како добавувач на железна руда во Хута-Катовице се случи во почетокот на 90-те години. За овој вид на бизнис потребна е силна финансиска поддршка, а јас таа поддршка ја немав од банките во Швајцарија и Австрија. Комбинатите, производители на железна руда од Украина и Русија настојуваа по секоја цена да ме тргнат од бизнисот. На средбата што се одржа во Катовице, меѓу комбинатите од Украина и Русија и Хута-Катовице, Цабак кој присуствуваше на состанокот само 2 минути, со една реченица кажа сѐ:„ Јас купувам руда само од Кометал на Костовски, еве го тука до вас, договорете се”. Немам доживеано во животот посилна поддршка од неговата.
Вториот момент беше кога Хута-Катовице се наоѓаше во екстремно лоша финансиска состојба, а долгот кон мојата фирма достигна блиску 100 милиони долари. Знаејќи ја состојбата со Цабак се договоривме дека јас како Кометал ќе ја делам судбината со Хута-Катовице. Останав лојален да испорачувам количини кои беа неопходни за одржување на производниот процес. Овој период траеше половина година. По препорака на Цабак Владата на Полска ми одаде признание за мојот придонес во опстојувањето на овој огромен комбинат.
Заедничкото патување со Цабак во Јужно-Афричката Унија ќе ми остане во трајно сеќавање. Купувавме по пола милион тони квалитетна железна руда на годишно ниво . Рудата се ископуваше во пустината Калахари. Фасцинантно беше што железната руда беше нус производ од вадењето на хромова и манганова руда. Цел град беше под пустинскиот дел на Калахри, но со сообраќајници, самопослуги и кафетерии.
Во сеќавање ни е кафето кое го испивме во подземниот град на пустината Калахари. Цабак денеска живее во Сосновјец, место меѓу Краков и Катовице, со сопругата Барбара, ќерката Ања и синот Тома. Тој е дел од моето минато кое не можам да го заборавам затоа што убавите сеќавања живеат во сегашноста.






