Германија: Забрана за десно екстремниот магазин „Компакт“
Германската сојузна министерка за внатрешни работи Ненси Фезер го забрани десничарскиот екстремистички магазин „Компакт“. Со тоа исчезнува најуспешниот и орган со најголем домет на т.н. нова десница.
Како што соопшти Сојузното министерство за внатрешни работи, од утрово (16.07.) се претресуваат деловните простории на организацијата во покраините Бранденбург, Хесен, Саксонија и Саксонија-Анхалт, како и становите на водечките вработени, раководството и клучните акционери, со цел да бидат обезбедени докази.
Списанието е „централен гласноговорник на десничарската екстремистичка сцена“, објасни Фезер. „Овој магазин поттикнува неискажлива омраза против Евреите, кон луѓето со миграциско потекло и против нашата парламентарна демократија. Забраната покажува дека Германија, исто така, „презема акција против интелектуалните пиромани“ кои „поттикнуваат клима на омраза и насилство против бегалците и мигрантите и сакаат да ја уништат нашата демократска држава“.
Претпријатието „Компакт-Магазин“ ГмбХ, предводено од активистот Јирген Елзесер, веќе беше класифицирано од страна на Сојузната служба за заштита на Уставот во 2021 година како дефинитивно екстремистичко, етничко-националистичко и непријателски настроено кон малцинствата.
Главниот уредник Елзесер во последниве години постојано повикуваше на државен удар: „Ние едноставно сакаме да го собориме режимот“, а за разлика од другите медиуми, ова е целта на „Компакт“, изјавуваше тој. На 3 октомври 2023 година, на настан во Гера, тој зборуваше за повторно воспоставување на „посебна држава наречена ГДР“ на исток: „Имаме канцелар на Рајх во ликот наБјерн Хеке (функционер на АфД, н.з.)“. Со цел да се брани суверенитетот против Полска, на границата би можеле да бидат стационирани мешани „германско-руски баталјони“, предлагаше Елзесер.
Според Сојузното министерство за внатрешни работи, главни производи на компанијата се месечното списание „Компакт“ со тираж од 40.000 примероци и онлајн видео каналот Компакт ТВ. Компанијата е присутна и на онлајн мрежите и работи со онлајн продавница во која се продаваат предмети како облека, постери, налепници, чаши и медали. Според Министерството, компанијата е исто така „централен играч“ во вмрежувањето на таканаречената нова десница.
Покрај „Компакт-Магазин“ ГмбХ, забранет е и „Конспект филм” ГмбХ. На двете компании повеќе не им е дозволено да продолжат со работа, а прекршувањата на забраната се сметаат за кривични дела.(dw)