Михаилов од ЈП „Македонски шуми“: Штетата што ќе ја претрпи планината Серта од пожарите е епохална за неа

Будно се следи состојбата, има доволно ресурси, доволно луѓе на терен и се надевам дека во текот на денот ќе се стави под контрола пожарот на планината Серта во штипскиот дел, вели заменик генералниот директор на ЈП „Македонски шуми“, Кирил Михаилов кој претпладнево беше во селото Селце. Посочува дека за овој пожар лошо е што во моментов има ветер.

-Лошото е тоа што еве гледате има ветер. Тоа е навистина лош момент. И како што кажа градоначалникот пожарот е непредвидлив и може се да се очекува, меѓутоа затоа сме тука. Во однос на другото во моментов имаме преку десет активни пожари на цела територија на Република Македонија. Пред малку зборев со градоначалникот на општина Ново село, таму е еден поголем пожар којшто во моментов 95 отсто е ставен под контрола има уште тука-таму некои критични места коишто во моментов ги завршуваат. Битола, исто така се работи, вели Михаилов.

Забележа дека најдобрата вест е тоа што во текот на вчерашниот ден заврна на две локации на планината Серта во неготинскиот дел и какошто вели едниот крак пред село Калањево е завршен со помош на екипите коишто биле таму и дождот.

-Исто така, добив информација дека утрово Криволак жариштето е санирано донекаде. Екипите се на терен, ги завршуваат остатоците, затоа што жешкото време може повторно да го покрене пожарот и да имаме несогледливи последици како изминативе денови. Будно ќе ја следиме ситуацијата. Нашите луѓе од „Македонски шуми“ и покрај тоа што се без здравствено осигурување, се трудиме да го надминеме тој проблем од причина што ние сме како ново раководство десетина дена таму, а се соочивме со невидена дупка, буквално луѓето ни беа оставени на влечки да гасат. Тоа е реалноста со која се соочивме. Но лека полека ја надминуваме, рече Михаилов.

Back to top button
Close