Истражување: За жената, мажот предизвикува повеќе стрес отколку децата
Според ново истражување, сопрузите им предизвикуваат на жените повеќе стрес отколку децата, се вели во напис објавен во списанието „Тудеј“ (Today).
Жените се соочуваат со многу предизвици. За мајката, најкомплексниот животен процес, каде што таа се прилагодува на темелни промени во своето тело и психа, почнува со породувањето. Тој психички товар, пак, понекогаш може да доведе до тн. родителско согорување.
Испитувањето опфатило 7.000 мајки од кои било побарано да го пријават нивото на стрес, и просечното ниво на стрес покажало 8,5 / 10… Но, најголем пријавен стрес за една мајка, е – сопругот.
За 46 отсто од испитаничките, мажот е поголем извор на стрес отколку децата. Џорџина Стармер, специјализирана советничка за двојки, дава можно објаснување за тоа.
– Кога станува збор за маж и жена, или кој било модел на заедничко родителство, динамиката може да се чувствува како поместување песок… Како неурамнотежена „борба за моќ“. Можеби ги прифаќаме улогите „добар полицаец“ и „лош полицаец“. Можеби не може да се договориме какви родители да бидеме. Можеби има и лутина или огорченост со влечење на тој товар на домашната работа. Или во одлуките за парите, домот, дружењето и многу други нешта. Има толку многу можни предизвикувачи на раздор, и често сме уморни или обземени од физичкиот и менталниот товар на сè што треба да се направи, што понекогаш, наместо да наидеме на поддршка од нашиот партнер во родителството, всушност го чувствуваме (сопругот или сопругата) како дополнителна тежина во нашиот живот, појаснува Стармер.
Секоја петта испитаничка вели дека недостатокот на поддршка од партнерот е огромен извор на секојдневниот стрес.
– Има вообичаена шема за тоа што сè кај еден родител го излудува другиот. Можеби тоа е машината за миење садови, доцните излегувања или трошењето пари. Некои од овие приговори можеби понекогаш имаат хумористичен тон… Но, ако редовно се чувствувате вознемирени, иритирани или лути, кажете јасно што навистина се случува, додава терапевтката.
Комуникацијата, се вели, е клучна за двајцата. Но, со тивок, смирен разговор, наместо удирање врати, кавги и навреди. И – бидете отворени за „повратни информации“.
– Значи, едно е да разбереме што се случува и да почнеме да зборуваме, но другиот дел е да признаеме дека и нашиот партнер можеби има нешто да каже. За да продолжиме напред, треба да бидеме отворени за неговите / нејзините конструктивни забелешки, вели Стармер.
Важно е, се нагласува, да уживате еден во друг. Кога двојка има деца, лесно се губи чувството за тоа кои сме. Нашиот идентитет станува подреден на идентитетот на мајка, татко, родител – со задача да се грижи за децата. Но, и тој личен идентитет на возрасните е битен. Совет за крај: Да се потсетиме на работите што ни се допаѓаат еден со друг, да се забавуваме заедно, да размислуваме за средбите и интимноста, дури и кога тие работи се „во втор план“, привремено.