Сиљановска-Давкова нема да го свика Советот за безбедност и покрај сознанијата на Мицкоски за можна дестабилизација на државата
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова не планира да го свика Советот за безбедност по изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека ДУИ оваа есен може да преземе чекори за дестабилизација на државата.
Ова за „360 степени“ го соопштија од кабинетот на претседателката на државата.
Вчера попладне испративме прашања до кабинетот на претседателката по повод наводите што Мицкоски ги изнесе прво во интервју за неделникот „Фокус“, а потоа и на прес-конференцијата со косовскиот колега Албин Курти.
Прашањата што ги испративме беа: „Дали во врска со овие информации претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова планира да го свика Советот за безбедност? Дали вакви информации поседува и кабинетот на претседателката?“
Од кабинетот ни одговорија денеска попладне и тоа мошне кусо:
„Почитувани, одговорот на вашето прашање е: не“.
Инаку, како што е наведено и на официјалната веб-страницата на претседателот на државата, Советот за безбедност е највисокото советодавно тело на Република Северна Македонија кое ги разгледува прашањата поврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози до Собранието и Владата.
„Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловникот за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија. Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот“, се вели во образложението на функцијата и надлежностите на Советот за безбедност.
Темата за можна дестабилизација на државата од страна ДУИ денеска беше повод за нова серија препукувања меѓу опозицискиот СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер е премиерот Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција побара од премиерот прецизно да се произнесе по ова тврдење, а претседателката Сиљановска-Давкова да го свика Советот за безбедност ако, како што кажа, воопшто е конституиран.
Од СДСМ побараа и од обвинителството да покрене истрага и да го викне Мицкоски на сослушување.
„Премиер кој кажува дека има информации за нарушување на безбедносната состојба и мирот во земјата, а ништо не презема околу тоа е директен соучесник на евентуално сценарио. Доколку тоа го прави само а да ги заплаши граѓаните и да манипулира со нивните чувства обидувајќи се да ја смени темата од скандалите кои ја пратат неговата влада, тогаш станува збор за човек кој му мисли лошо на својот народ. Секоја најава за дестабилизација значи грч за граѓаните, грч за економијата, страв и тензија во општеството. Доколку тоа Мицкоски го прави без основа и без да преземе конкретни чекори, Мицкоски е тој што дестабилизира“,рече Кузеска.
Одговорот од ВМРО-ДПМНЕ стигна од пратеникот од редовите на оваа Бране Петрушевски кој реагираше со контрапрашања со кое во планот за дестабилизација го вклучи и СДСМ. Тој ги повика опозициските СДСМ и ДУИ да кажат кој е планот за дестабилизација и што е целта и дали „СДС и ДУИ заедно го спремаат планот за дестабилизација на државата од есен”.
„Филипче потрча со статус на Фејсбук да си ја тргне мувата од капата, но џабе, и малите деца знаат дека СДС е помалиот брат на ДУИ. Сите криминали кои ги правеше ДУИ нема да беа возможни без СДС. СДС да кажат што планираат со ДУИ и дали целта е да се заштитат од одговорност за сторените криминали и ограбената држава? И СДС и ДУИ треба да знаат дека насилство и безредие нема да им помогне, напротив и за тоа ќе треба да одговараат и да се соочат со последиците на сопствените дејствија“,рече Петрушевски.
За потсетување, вчера на прес-конференцијата што ја имаше заедно со косовскиот премиер Албин Курти, премиерот Христијан Мицкоски рече дека има информации, добиени од повеќе канали, дека раководството на Демократската унија за интеграција, како што рече, во обид да го заштити капиталот што го создаваше изминатите 20 години, ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата. Тој дополни дека според информациите што ги има се очекува тоа да се случи оваа есен.
По наводите на Мицкоски, вчера доцна попладне со официјален став излегоа од ДУИ, од каде што рекоа дека не ги коментираат ваквите политички спинови и блефови и дека како државотворна партија тие се гарант за мирот, стабилноста, благосостојбата и европската иднина на Северна Македонија.
„Сакаме да појасниме дека имаме мандат и одговорност од албанските гласачи за заштита на легитимитетот, политичката волја и достоинството на гласот и албанскиот народ во Северна Македонија. Ќе ги преземеме сите демократски мерки и средства за да ги спречиме понижувањето и мајоризацијата на Албанците преку наметнување на вазали“рекоа од ДУИ во писмено соопштение.
На наводите на премиерот Мицкоски вчера преку објава на Фејсбук со став околу ова прашање излезе лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој го повика премиерот доколку поседува какви било информации за можна дестабилизација или нарушување на мирот во земјата итно да ги сподели со надлежните институции.
„Информациите за дестабилизација кои два дена по ред ги пласира премиерот предизвикуваат немир кај граѓаните, а негова лична одговорност е да превенира таква состојба. Доколку тој сам не ги сподели информациите, ги повикувам истражните органи да поведат постапка и да ги истражат овие наводи…Исто така, не смее да се дозволат ниту манипулации со чувствата на граѓаните и предизвикување состојба на тензија, без конкретна акција од страна на државата“,напиша Филипче на Фејсбук.
Ако Мицкоски има информации за дестабилизација на земјата, да ги сподели со надлежните институции, повика Филипчe.